Американскиот претседател Доналд Трамп објави порака на својата социјална мрежа Truth Social во која го прогласи воздушниот простор над и околу Венецуела за затворен. Во својата објава, тој наведува дека им се обраќа на авиокомпаниите, пилотите, но и на дилерите на дрога и трговците со луѓе.
„До сите авиокомпании, пилоти, дилери на дрога и трговци со луѓе, ве молиме сметајте го ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НАД И ОКОЛУ ВЕНЦЕЛА ЗА ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН. Ви благодарам за вниманието кон ова прашање! ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, се вели во пораката.
Трамп во четвртокот изјави дека САД се подготвуваат за нова операција против наводните мрежи за трговија со дрога во Венецуела. За време на телефонскиот разговор со припадници на вооружените сили за Денот на благодарноста, тој рече дека копнените операции ќе започнат „многу наскоро“.
„Во последните недели работевте на одвраќање на венецуелските трговци со дрога, од кои има многу. Секако, веќе не доаѓаат многумина по море“, им рече Трамп на војниците. „Веројатно сте забележале дека луѓето веќе не сакаат да транспортираат по море, а ние ќе почнеме да ги запираме и по копно“, продолжи претседателот. „Копното е полесно, но ќе започне многу наскоро“.
„Ги предупредуваме: Престанете да испраќате отров во нашата земја“, додаде тој.
Претходно оваа недела, Трамп ги прогласи венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговите владини сојузници за членови на странска терористичка организација.
Означувањето на таканаречениот „Картел де лос Солес“ – фраза за која експертите велат дека повеќе опишува наводно корумпирани владини функционери отколку организирана криминална група – како странска терористичка организација му дава на Трамп овластување да воведе нови санкции насочени кон средствата и инфраструктурата на Мадуро. Сепак, според правните експерти, таа одлука не ја овластува изрично употребата на смртоносна сила.



