Американскиот претседателски кандидат Рон ДеСантис (45), кој важеше за најдобра опција на републиканците против Доналд Трамп, се откажа од трката за Белата куќа што укажува дека поранешниот лидер на партијата и натаму има големо влијание, пишува Ројтерс.

Притоа, ДеСантис, преку порака на социјалната платформа Икс, изрази поддршка за Трамп.

ДеСантис се сметаше за еден од најсилните адути за републиканска номинација за изборите во 2024 година и природен наследник на Трамп поради неговиот борбен стил и дух и длабоко конзервативните ставови. На почетокот на 2023 година во неколку анкети водеше пред Трамп.

Меѓутоа, поддршката за ДеСантис во последните неколку месеци е во пад поради грешки во стратегијата на кампањата, неможноста за поврзување со гласачите и притисокот на Трамп врз мнозинството во партиската база.

Неговото откажување од борбата за претседателска номинација значи дека поранешната американска амбасадорка во ОН, Ники Хејли е последна републиканка во трката која има, каква-таква, шанса за преземање на номинацијата на Трамп.

Победникот од републиканските предизбори ќе се соочи со Џо Бајден, веројатен демократски кандидат, на претседателските избори во САД што се закажани за ноември оваа година.