Традиционалната илинденска коњаница го започна својот поход кон Крушево и Мечкин камен. Тргнаа од повеќе локации низ Македонија, а на 2 Август, Илинден, треба да пристигнат до целта. И годинава, традиционално по 45-ти пат, 30-на коњаници тргнаа од скопско Горно Лисиче кон Крушево.

Градоначалникот на општина Аеродром на учесниците им посака среќен и мирен пат.

-Тие се хероите на новото време во кое живееме, личности кои со својата храброст секоја година на автентичен начин ја пренесува пораката за издржливоста и упорноста на борците за слободна, независна и самостојна Македонија – истакна градоначалникот Тимчо Муцунски. 

Традиционалниот „Илинденски марш“ тргна за Крушево, од Горно Лисиче, од црквата „Св. Петар и Павле“ каде се одржа свечена литургија, на која свештеници од Македонската православна црква на коњаниците им дадоа благослов на патот кон Крушево. Оваа година на маршот учество земаа 28 коњаници кои утрово поминувајки низ територијата на Општина Петровец застанаа во кругот на Општината.

Како секоја година наназад така и оваа, градоначалникот Борче Митевски ја пречека коњаницата со учесниците на овогодишниот ИЛИНДЕНСКИ МАРШ и им посака добредојде. На собирот присуствуваше и Пратеничката во Собранието на Република Македонија, Марија Петрушевска, претседателот на Советот на Општина Петровец, Блаже Никчевски, директорката на ООУ „Кочо Рацин“, Виолета Јаневска, општинската администрација и дел од советниците.

Тука беа послужени со освежителни пијалоци, кафе и доручек. Околу триесетина минути траеше дружбата со дел од жителите, каде што дечињата се фотографираа на коњите и со дел од учесниците на маршот. По кратко време учесниците го продолжија патот кон крајната дестинација Крушево на „Мечкин Камен“ а градоначалникот Митевски им посака среќен пат.

Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ. Овој празник не потсетува на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава и на сите оние кои со своите дела и подвизи трајно се вградиле во овој чин.

Во отсуство на официјалната поддршка која здружението „Илинденски коњички марш 1978“ досега ја добиваше од Министерството за култура, Општина Аеродром оваа година е единствена јавна институција која со финансиски средства дава поддршка на овој настан.