Првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо, за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, се уште се наоѓа во затворот во Баликесир.  Додека се чека да биде екстрадиран, од Министерството за правда не откриват детали, во интерес на екстрадицијата. Министерот за правда Кренар Лога, минатата недела по средбата со турскиот колега Јилмаз Тунч излезе со став дека завршени се судските процедури, а треба да се завршат само административните процедури, двата суда дадоа зелено светло за одобрување..

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во вчерашното гостување во 24 Отворено, кажа дека откако е назначен за министер има одредени сомневања за овој случај и дал наредба детално да се истражи…

„За мене, за да се отпочнат соодветни постапки треба да се испочитуваат сите внатрешни процедури. Луѓе компетентни од областа, луѓе кои согласно систематизација и согласно правила на игра треба да го истражат тој случај, да одат по Закон и да испитаат чекор по чекор како е спроведена постапката. Сите оние сомнежи кои сум ги имал, сум ги дал да се истражат од страна на луѓето кои треба да го спроведат овој процес“, вели Тошковски.

Тошковски не откри дали одредени негови сомнежи одат во насока на брзината на која се одвиваше постапката со која беа фатени осомничените или во однос на тоа дали вистинските осомничени се зад решетки..? Потенцира дека не сака да зборува за работи кои во моментов се на одреден степен на основано сомнение..

„Јас не знам што ќе утврди внатрешната контрола, но што и да утврди веднаш штом ги добијам информациите ќе ги добие и јавноста“, додаде Тошковски.

Првоосомничениот Палевски, турската полиција го приведе во Баликесир на петти декември. Претходно македонското МВР распиша меѓународна потерница за него.. Палевски кога ќе биде донесен во државава, ќе биде спроведен во казнено поправна установа согласно решение на суд и понатаму ќе тече постапката пред правосудните органи. Наодите од обдукцијата пак, кои се готови од декември надлежните решија дека нема јавно да ги соопштат.