Сезоната во Премиер – лигата заврши без голема драма во самата завршница, но сепак донесе неколку огромни приказни кои ќе се паметат долго. Најголемото изненадување дефинитивно е испаѓањето на Вест Хем во Чемпионшип, нешто што пред почетокот на сезоната ретко кој можеше да го замисли.
Новиот англиски шампион Арсенал доби шампионски шпалир на гостувањето кај Кристал Палас на „Селхрст Парк“, а потоа со головите на Габриел Жезус и Нони Мадуеке стигна до нов триумф од 1-2. Натпреварот воедно беше и проштален за тренерот Оливер Гласнер на клупата на Палас.
Во центарот на вниманието неделава беше и одлуката на Пеп Гвардиола да го напушти Манчестер Сити по крајот на сезоната.
Иако долго се шпекулираше за вакво сценарио, потврдата предизвика силни емоции меѓу навивачите на „Етихад“. Пред мечот со Астон Вила, Гвардиола доби овации од целиот стадион, а посебен момент беше и гестот на Унаи Емери.
Сити поведе преку Антоан Семењо, но Вила направи пресврт со два гола на Оли Воткинс и славеше со 1-2.
Емотивно беше и на „Енфилд“, каде Мохамед Салах и Енди Робертсон се простија од навивачите на Ливерпул. Во ремито со Брентфорд, токму Салах ја запиша својата последна асистенција во црвениот дрес, додавајќи му на Куртис Џонс за водство, пред Кевин Шаде да израмни (1-1).
Погледите беа насочени и кон борбата за опстанок. Тотенхем со минимален триумф од 1-0 над Евертон успеа да се спаси, додека победата на Вест Хем против Лидс Јунајтед од 3-0 не беше доволна за избегнување на испаѓањето.
Борнмут остана без место во Лигата на шампионите по ремито со Нотингем Форест (1-1), но пласманот во Европа и понатаму претставува историски успех за клубот.
Голем резултат оствари и Сандерленд, кој го победи Челси со 2-1. Стрелци беа Ден Хјум и автоголот на Мало Густо, додека Кол Палмер само го ублажи поразот на „сините“.
Рутинска победа забележа Манчестер Јунајтед на гостувањето кај Брајтон. Во триумфот од 0-3, Бруно Фернандеш постави нов рекорд во Премиер лигата со 21 асистенција во една сезона. Погодуваа уште Патрик Доргу и Брајан Мбеумо.
Пласман во европските купови:
Арсенал – шампион
Манчестер Сити – Лига на шампиони
Манчестер Јунајтед – Лига на шампиони
Астон Вила – Лига на шампиони
Ливерпул – Лига на шампиони
Борнмут – Лига Европа
Сандерленд – Лига Европа
Брајтон – Конференциска лига
Испаднати во Чемпионшип:
Вест Хем
Барнли
Вулверхемптон





