Судот на честа при Лекарската комора донесе одлука за анестезиологот од Клиничката болница Тетово, лиценцата за работа привремено му се одзема за период од седум години.
Согласно правните прописи ова е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето, велат од Лекарската комора. Судот на честа утврдил дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика.
– Лекарската комора, како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја, нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата. Со денешната Одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата. – велат од Лекарската комора.
Денеска со став излезе и министерот за здравство за анестезиологот Дервиши кој на социјалната мрежа „Тик ток“ снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
Обвинителен предлог против анестезиологот од тетовската болница поднесе Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Тетово. Тој е обвинет за кривични дела – за несовесно работење во службата му се заканува казна затвор од три месеци до пет години, а за неовластено снимање Кривичниот законик предвидува најмалку три години затвор. Јавниот обвинител до Основниот суд во Тетово доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.
Пред неколку дена вработените во тетовската болница почнаа да функционираат под нови правила за однесување во тетовската болница, според кои не смее да има објавување на приватни информации и тајни на пациентите како и фотографии и видеа од амбуланта или операциона сала.