Поп-пејачката Тејлор Свифт и пејачот на рок-групата „The 1975“ – Мети Хили ја прекинале кратката романса, пишува „Пипл“.

„Таа навистина се забавуваше со него, но секогаш беше опуштено и без обврски. Тие веќе не се во романтичен однос“, изјави извор за „Пипл“.

Имено, Свифт и Хили првпат беа забележани заедно на почетокот на мај. Исто така, рокерот присуствуваше на неколку нејзини неодамнешни концерти, каде се дружеше со блиските пријателки на Свифт – акерката Блејк Лајвли и манекенката Џиџи Хадид.

За време на нејзиниот концерт во Фоксборо, на 20 мај, Свифт им раскажа на своите обожаватели дека, моментално, таа е навистина среќна.

„Никогаш не сум била толку среќна во мојот живот. Во сите аспекти од мојот живот. Сакам да ви се заблагодарам што сте дел од тоа“, ѝ се обрати таа на публиката на стадионот „Жилет“.

„Не се работи само за концертната турнеја (‘Ера’), туку и за тоа дека имам чувство дека мојот живот, конечно, има смисла. Па, затоа би сакала да ви испеам една песна која ми враќа среќни спомени“, додаде таа, пред да почне да ја изведува песната „Question…?“ од албумот „Midnights“.

Неколку дена подоцна, Свифт и Хили биле забележани како се бакнуваат во Њујорк.

Сепак, како што објави „Пипл“, претставниците на музичарите сè уште немаат излезено со официјална изјава за медиумите.