Откако здружението на македонски Бугари од Битола не се усогласи со измените на Законот на здруженијата и фондациите и не го смени своето скандалозно име и статут, почна да тече рокот од 30 дена за бришење на здружението од Централниот регистар.

Тече рокот од 30 дена за бришење на здружението на македонски Бугари од Битола „Иван Михајлов“ од Централниот регистар, откако овој правен субјект не се усогласи со измените на Законот на здруженијата и фондациите и не го смени своето скандалозно име и статут.

Во врска со овој случај повеќе институции водеа или водат различни постапки – Јавното обвинителство, Уставниот суд и Комисијата за заштита од дискриминација. Наскоро ќе се отвори уште една постапка, со која идниот министер за правда ќе донесе решение за неусогласеност на ова здружение со Законот, а врз основа на негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на историски личности, што ќе биде правна основа Централниот регистар да го избрише здружението.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера повтори дека здруженијата кои нема да се усогласат со законските измени ќе престанат со работа.

– Тие што нема да поднесат барање до Централниот регистар нема да продолжат да работат, согласно законите. Културните клубови треба да бидат места што ги зближуваат народите и граѓаните, а не да бидат места каде што со своите имиња будат негативните чувства и ги разединуваат граѓаните. Законот ќе биде спроведен во целост како што се спроведуваат сите други закони – порача Ковачевски.

За разлика од „Иван Михајлов“, охридското здружение „Цар Борис“ на 10 февруари поднесе барање до Централен регистар да се усогласи со Законот за здруженијата кој забранува називи со личности поврзани со фашизам, нацизам, Третиот рајх итн. Наместо да ги испочитува правните норми, претседателот на „Иван Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски веќе најави дека ќе тужи „ако треба и до Стразбур“.

Радев: За нас е неприфатливо насилството врз Бугарите

По ликвидацијата на „Иван Михајлов“ се очекуваат дополнителни реакции од официјална Софија, која случајот со двете здруженија со скандалозни имиња го користи за да претстави пред европските институции дека во Македонија не се почитуваат правата на Бугарите, дури и дека Бугарите се изложени на системска дискриминација, говор на омраза, па и „напади, стрелби и палежи“. Претседателот на Бугарија Румен Радев и во најновото интервју повторува дека „во последниве месеци сме сведоци на неуспех на амбициите на Македонија за евроинтеграциите со голем број на злосторства од омраза врз локалните Бугари“.

– Палењата и пукотниците врз бугарските културни клубови и насилството врз Бугарите во земјата упатуваат на ситуација која е поблиска до мрачното минато на Балканот отколку до нивната европска идниона. За нас тоа е неприфатливо – рече Радев за грчки „Катимерини“.

Тој ги повика македонските политички лидери да преземат активни чекори за вистинска демократизација и да докажат дека антибугарската идеологија му припаѓа на минатото.

– Во ЕУ, идентитетот не треба да се гради врз историски фалсификати, да се искривува реалноста за да се оправдуваат злосторствата од омраза или да се негира правото на самоидентификација. Навистина верувам дека надраснувањето на наследството од тоталитарното минато е суштински предуслов за европската иднина на Р Македонија – рече Радев.

Тој повтори дека „за целосно започнување на преговорите со ЕУ, Македонија мора да ги заврши договорените уставни измени“.

Заменик-министерката за надворешни работи Велислава Петкова вели дека сакаат да покажат дека ако говорот на омраза не е навремено казнет, прераснува во криминални дела и не е случајно што говорот на омраза е поставен како дел од критериумите за патот на Македонија кон ЕУ. Според Петкова, „Македонија ветува многу, но нема соодветни последователни дејствија по антибугарските настани и тоа е причина за ескалација на ситуацијата“.

– Важно е да му покажат на сопственото општество дека за да бидат дел од европското мора да има нулта толеранција за ваквите настани – вели Петрова.

Според неа, по усвојувањето на преговарачката рамка од страна на ЕУ, „Македонците чувствуваат дека преговорите се веќе почнати и има погрешно создадени големи очекувања во општеството дека ќе продолжат и без промена на Уставот“.

– Нема потреба Бугарија повторно да стави вето. Самите си наметнаа вето. Јасно е напишано дека за да го продолжат патот кон евроинтеграциите мораат да го променат Уставот. Сè додека не го направат тоа, нема начин вистински да почнат преговорите. Можеме да ставиме вето многу пати, но крајната цел е овој регион да се интегрира, така што ќе биде многу полесно да коегзистираме со нив, но тоа може да се направи кога ќе ги исполнат критериумите – вели Петрова.

Спасовски: Изјавите на Пендиков се „чиста глупост“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги искоментира како „чиста глупост“ изјавите на Христијан Пендиков, секретарот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, кои ги даде во интервјуто за БТВ дека, меѓу другото, „Бугарите се плашат дека во Македонија може да бидат стрелани и никој да не ги заштити“.

– Не може 30 години да живеете во една држава и никој ништо да не ви рекол и сега одеднаш да речете дека државата не ви ги почитува правата. Тоа не е реално, не е факт. Сепак, упатувам порака дека насилство не смее да има во никој случај за ниту една причина – рече Спасовски и дополни дека е недозволиво и да се „навредува една цела земја“.

Министерот дополни дека за тоа кои биле причините за нападот над Пендиков одговор дава истрагата на Јавното обвинителство и случајот го оцени како расчистен. Според него, во Македонија се почитуваат правата на секој граѓанин и на сите што се на територијата на државата.

Состанок на историчарите во неповолен амбиент

Во Софија вчера и денеска се одржува 22 средба на Заедничката мешовита историска комисија, која се одржува во тензична атмосфера и обиди да се релаксираат односите Скопје – Софија кои значително се влошија од почетокот на годинава.

Последниот состанок на комисијата беше на 17 и 18 ноември, исто така во Софија, кога главна тема беше улогата и местото на Охридската архиепископија и начинот на кој таа е претставена во учебниците за седмо одделение.

Копретседателот Драги Ѓоргиев минатата недела оцени дека последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на нивната работа и додаде дека има тенденција „односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период“.