Европските претставници го отфрлија најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор што е во корист на Москва и предупредија дека попуштањето пред Русија само ќе го охрабри Владимир Путин да нападне и членка на НАТО, пишува „Политико“.
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи, Каја Калас, му рече на тимот на Трамп дека нивниот нацрт-договор за прекин на огнот од 28 точки нема да успее без поддршката на Киев и европските влади. Денес, Европа е најголемиот донатор на украинската одбрана, нагласува „Политико“.
Американскиот предлог предизвика тревога во европските престолнини, делумно затоа што тие беа целосно исклучени од неговото создавање, а најмногу затоа што, како што рече еден европски функционер, „тој не претставува ништо повеќе од списокот на желби на Путин“, според „Политико“.
Според условите на договорот, за кој широко известуваа меѓународните медиуми, Украина ќе биде принудена да ги предаде окупираните делови од источниот дел на земјата, да ја преполови својата армија и да се откаже од дел од своето моќно оружје.
„За да успее кој било мировен план, тој мора да биде поддржан од Украина и мора да биде поддржан од Европа“, изјави Калас пред новинарите во Брисел. „Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата ќе доведе само до нова агресија“, рече Калас.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, им рече на европските министри на состанок зад затворени врати во Брисел дека е јасно дека Русија ги диктирала условите на новите предлози.
„Суштината е дека кој било мировен план не е изводлив ако се базира на смирување на агресорот“, рече Сибиха, според лице директно запознаено со неговите забелешки. „Тоа само би им донело на Украина и на цела Европа повеќе војна и бруталност“, додаде тој.
Новиот предлог доаѓа во чувствително време во речиси четиригодишната војна. Украина во последните денови претрпе зголемено бомбардирање и загуби на бојното поле, додека Москва наскоро ќе се соочи со последиците од спроведувањето на санкциите на Трамп против најголемите руски нафтени компании.
Веста наиде на негативни реакции во Европа и Киев, главно затоа што условите изгледаат како силна отстапка кон Русија.





