Судењето за трагедијата во „Пулс“ продолжи со сведочење на младиот Кристијан Панов, чиј брат го изгубил животот таа кобна ноќ.
Панов во судницата кажа дека повремено работел како келнер во „Пулс“, но не бил пријавен, додека пак, неговиот брат Андреј работел како шанкер. На прашање одговори дека претходно во објектот не забележал дека има ПП апарати. Таа вечер Панов дошол на концертот на ДНК, околу 02.20часот на роденден кај негов другар и излегол надвор да запали цигара.
Кристијан Панов-сведок
„Одденаш надвор настана стампедо на самите скали-кој колку можеше пружаше помош. Имаше луѓе, еден врз друг, се заглавија меѓу двете врати на самиот влез. В да го најдам брат ми, беше претешко да бидеш повеќе од 5-10 секунди, го барав и не го најдов, нешто падна од горе и излегов. Вториот пат кога се вратив да го барам го најдов на самиот праг. Не бев сигурен дали е тој, по тетоважите го препознав.“
Во судницата сведочеа и младите Иван Данаилов, Тоше Трендафилов и Мартин Китановски. Дел од нив посочија дека се забележал црн чад, кој се ширел од плафонот и секој се спасувал како знае и умее. Дел од сведоците на прашање на Обвинителството кажаа дека и претходно во „Пулс“, одвреме навреме имало пиротехника при одредени настапи на изведувачи.
сведоци
„Чувствував печење на очите. Се сопнувавме…паѓавме еден врз друг..“
„На вратата настана гужва….“
На почетокот на рочиштето судијката Диана Груевска Илиевска предупреди на понатамошно почитување на редот во судницата и побара дисциплина без понатамошно меѓусебно дофрлување.
Откако адвокатката Ивана Коцевска, бранителката на Дејан и Михаил Јованови, побара од надлежните институции да реагираат поради злоупотреба на нејзиниот лик на „Марш на ангелите“ во Кочани, родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ ги отфрлија овие тврдења.
Следното рочиште продолжува следниот понеделник.



