Австралиската ТВ-водителка Шели Хортон му порача на Роберт де Ниро да направи вазектомија како „подарок за Денот на таткото“ додека се подготвува дома да го пречека своето седмо дете на 79-годишна возраст.
Во колумна за „9 хани“, водителката на „Канал 9“ (Channel Nine), Хортон, изнесе критики откога холивудската ѕвезда (79) го објави раѓањето на своето седмо дете.
„Неодговорно е постари мажи да прават деца бидејќи тие често умираат пред детето да достигне зрелост оставајќи ги своите помлади партнерки како самохрани мајки“, пишува таа во својата статија.
Девојката на Де Ниро, Тифани Чен, наводно има 45 години.
„Неодговорно е да имате деца на таа возраст, особено ако се има предвид дека детето несомнено поголемиот дел од својот живот ќе расте без татко“, напиша Хортон. „Иако некои тврдат дека жените не треба да ја жртвуваат својата желба да имаат деца затоа што нивниот партнер е постар, тие треба да размислуваат за долгорочните последици од таа одлука“.
„Неверојатно тешко е за самохраните мајки да воспитуваат деца сами и Де Ниро можеби ќе може да обезбеди финансиска поддршка, но не може да го поднесе емоционалниот и физичкиот товар на родителството ако почине порано или се разболи.
„Како што стареат родителите, тие се борат со здравствени проблеми, кои им отежнуваат да обезбедат грижа и внимание, кои им се потребни на малите деца“.
Хортон (50) изрази загриженост дека детето на Де Ниро е изложено на ризик од емоционална траума поради неминовно губење на својот татко додека е уште многу младо.
Таа потоа го пренесе интервјуто што Де Ниро го дал за „Холивуд репортер“ пред повеќе години, во кое тој самиот вели дека е неодговорно од него да има повеќе деца.
„Очигледно го заборавил интервјуто што го дал за ‘Холивуд репортер’ на 17 декември 2016 година, а во кое вели: мислам дека не е одговорно, на моја возраст, да имам повеќе деца. Имам 70 години, а тие ќе треба да се занимаваат со работите со кои се занимаваат луѓето на таа возраст“.