Расте бројот на граѓани кои сметаат дека Македонија нема да се зачлени во Европската Унија. Од организацијата „Европското движење“ информираат дека во 2021-вата година 22% од граѓаните имале ваков став, но минатата тој пораснал на 28%. Дел од политичарите оваа тенденција ја припишуваат на долгото чекање за почетокот на преговорите за членство. Сега, како што истакна претседателот Стево Пендаровски, на трибина на фондацијата „Конрад Аденауер“, наша обврска се уставните измени и упати апел до пратениците.
„Ги повикувам сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор, а тој избор е едноставен. Или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава“, вели Пендаровски.
Шефот на државата истакна дека во моментов приоритет се уставните измени, но претстојат тешки реформи на општеството. Како што велат дел од амбасадорите во земјава, реформите се спроведуваат за време на преговарачкиот процес за земјата подготвена да се зачлени во Унијата. Сепак и тие потенцираат дека засега фокусот е кон промената на Уставот.
„Не сакам да поттикнам никого да навлезе во оваа дискусија, туку да повикам на отвореност, политичка одговорност и да се имаат предвид долгорочните цели и интереси на оваа земја и нејзината иднина во рамки на Европската Унија“, рече Евроамбасадорот Гир.
„Поларизираноста во политичката дебата во Македонија треба да се замени со контруктивен политички дијалог, со цел да се изгради национален консензус во однос на целта за евроинтеграција“, рече Ами Ларсон Јаин – амбасадорка на Шведска.
Шведската амбасадорка, чија земја во моментов претседава со Унијата, кажа дека е остварлива целта за зачленување во Унијата до 2030-тата година, но тоа зависи од реализираните реформи. Инаку, вчера еврокомесарот Оливер Вархеји најави дека годинава ќе се донесат клучни одлуки за проширувањето на Унијата и процесот на пристапување ќе се забрза за земјите од Западен Балкан, но не сподели повеќе детали за новиот план на Брисел.