Доктор Жан Митрев на 28 февруари ќе седне на обвинителната клупа откако Советот за оценка на обвинителен акт при кривичниот суд Скопје донесе одлука да го прифати обвинението против Митрев и неговата приватна болница како правно лице.

Предметот го води судијката Лидија Петровска.

– По одобрениот обвинител акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој согласно АКМИС системот е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023 година во 09:30 за што ќе бидат испратени покани до странките. – изјави Основен кривичен суд Скопје.

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против Митрев на 10 јануари, тој се гони за кривично дело измама, а поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација. Според обвинеието Митрев ги довел во заблуда пациентите дека со овие методи нуди алтернативен начин за лекување од ковид, што нема врска со вистината.

Митрев ги негираше обвинувањата, а денеска преку соопштение од клиниката порачаа дека очекуваат јавен и транспарентен процес.

– Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен. – велат од клиниката Жан Митрев.

Третманот на ковид-пациенти во клиниката Жан Митрев ја бранува јавноста уште од јули минатата година, откако на оваа тема ИРЛ го објави документарецот„Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.