64 годишниот Драган Пејоски од Струга во 2016 година бил каснат од куче скитник.Оттогаш до денес не може да ја добие оштетата од 152 илјади денари бидејќи му рекле дека Комуналното претпријатие нема пари. Скоро седум години трае правната битка на Пејоски.Основниот суд во Струга донел правосилна и извршна пресуда за надомест на штетата но износот се уште не му е исплатен.
,„Зедов адвокат поднесов тужба против Комунално Струга како надлежен за кучињата. Спорот го добив, се жалеа до Апелација Битола и таму го добив спорот и до ден денеска, после шест години, не наплатив. Го дадов на извршител кој до ден денес не може да наплати оти велат немаме пари. Не знам дали треба да си партиски војник за да наплатиш или што е работава. Има и други случаи после мене и тие не можат да наплатат.Беше зима одев на работа. Тогаш работев во хотел Бисер и рано наутро во 6 и 15 минути додека чекав превоз видов глутница кучиња и едно се затрча ме нападна. Почнав да се бранам да се повлекувам. Во меѓувреме се фрлија на мене и другите кучиња. Беа некаде девет кучиња ме паднаа на земја и ме касаа насекаде по телото. Гледав само да не ме фатат на вратот. Викав помош но немаше никој оти беше рано. По некое време тука од зградата излезе еден млад човек кој со чадор и торба мавташе и така некако ме куртули. Потоа отидов во болница ме шиеја и примив вакцина против кучешко беснило“, раскажа Драган.
Пејоски вели дека и ден денес има трауми од инцидентот,а фобијата од кучиња е се поголема. Ако не успее овде правдата ќе ја бара пред судот за човекови права во Стразбур.
,,Се уште имам страшна фобија кога ќе видам кучиња а бев најголем љубител на кучиња, и дома чував но после ова ми е страв да се движам по улици. Пред неколку дена исто ме нападнаа но имав среќа што влегов во едно комбе а шоферот испадна љубезен и ме донесе до дома и така се куртулив“. – додава Пејоски.
Струга е една од општините со најголем број бездомни кучиња по улиците. По бројните напади и каснувања Општината пред десеттина дена започна со хуман третман со заловување, кастрација, стерилизација, чипирање но тоа нема трајно да го реши проблемот.