Српската полиција соопшти дека по преглед на поголем број автомобили во потрага по исчезнатата Данка Илиќ (2) пронашла крв која била земена за ДНК анализа. Со понатамошна истрага ќе се утврди дали се работи за крвта на девојчето од Бор, пишуваат српските медиуми.
Српски „Блиц“ пишува дека уапсените се двајца мажи. Тие се сомничат дека со автомобил „фиат панда“ го удриле и убиле девојчето, а потоа нејзиното тело го фрлиле на дива депонија која се наоѓа на Старобањскиот пат кај Бор. Ова за српските медиуми го потврдила Криминалистичката полиција од Бор.
Таа ги привела уапсените. Лицата со иницијали С.Ј.(50) од село Лука и Д.Д.(50) од село Злот биле вработени во Јавното комунално претпријатие „Водовод“.
– С.Ј. е осомничен дека со службеното возило „фиат панда“ на улицата Радомир Путник удрил во пешак, двегодишното девојче Данка, и ја усмртил. Заедно со неговиот колега Д.Д., телото на девојчето го ставиле во багажникот на возилото, по што се упатиле кон дивата депонија на Старобањскиот пат кај Бор, каде телото било фрлено од десната страна на коловозот – вели извор близок до истрагата.
С.Ј. е обвинет за сторено тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, а Д.Д. за помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело. По апсењето и на двајцата им е одреден притвор од 48 часа.
Истрагата на криминалистичката полиција на ПУ Бор укажува дека сè се случило на 26 март околу 13 часот и 52 минути, односно само седум минути откако исчезна девојчето, се вели во пријавата на мајката.
„С.Ј. е обвинет дека не ја приспособил брзината на возилото на состојбата и условите на патот, поради што со предниот десен дел од возилото го удрил девојчето и го убил“, вели изворот од истрагата.
Данка Илиќ исчезна на 26 март годинава во 13 часот и 45 минути.
Да потсетиме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска на вонредна седница на Владата изјави дека полицијата уапсила две лица кои го извршиле убиството.