Стојков: Бугарска официјална политика е македонското малцинство да престане да постои

Date:

Бугарската официјална политика е македонското малцинство да престане да постои, таа е исмејување на системот за заштита на човековите права во Европа и затоа мора да најдеме начин да ги натераме европските институции да се борат против ваквата политика, истакна копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојко Стојков, во говор пред Генералното собрание на Европската слободна алијанса(ЕСА/EFA).

Нашата партија, истакна тој, е формирана пред 26 години за борба за правата на македонското малцинство во Бугарија, но само по една година беше забранета.

– Иако Европскиот суд за човекови права одлучи во наша корист, нашата регистрација никогаш не беше вратена. Дваесет и три години функционираме без неа, а тоа е и судбината на бројни македонски невладини организации во Бугарија – и покрај 14 одлуки на Европскиот суд против Бугарија, воопшто немаат регистрирани правни лица или застапници во Бугарија – посочува Стојков.

Тој појаснува дека бугарската официјална политика е, преку асимилација, дискриминација, маргинализација, да направи македонското малцинство да престане да постои.

– А, бидејќи ние даваме отпор, објект сме на омраза и понижување како предавници. Немаме малцински права и не постои функционален правен инструмент во Бугарија за борба против дискриминацијата, а институциите на ЕУ гледаат немоќни. Истиот шовинистички пристап е видлив во ставањето вето од страна на Бугарија против македонската евроинтеграција, инсистирајќи Република Македонија да се согласи дека не постојат такви работи како македонски јазик, историја, традиционална култура и особено да прифати дека во Бугарија нема македонско малцинство – наведува Стојков.

Бугарската политика, како што вели, е поигрување со системот за заштита на човековите права во Европа и Бугарија се залага да се претвори тоа во европска политика.

– Ова е крајно опасно, бидејќи ќе засили многу тоталитарни тенденции во европските држави и ако најде поддршка, може да влијае на малцинствата низ цела ЕУ. Мора да ја подигнеме свеста не само за оваа по природа фашистичка политика на бугарската држава туку и за општата празнина во европскиот систем што го дозволува тоа, давајќи им можност на националните држави да прават што сакаат со малцинствата на своите територии – подвлекува тој.

Мора да најдеме начин, нагласи, да ги поттикнеме европските институции да се борат против таквата политика.

– Потребен ни е суд за правата на граѓаните на Европската Унија, чии одлуки да бидат задолжителни. Не треба да има можност за вето во ЕУ, освен за прашањата за човековите права. И во сето тоа, улогата на ЕСА/EFA беше, е и треба да биде клучна – заклучува копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојков.

Слично размислува и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, според кого, Бугарите се многу гласни за барање човекови права надвор од границите на својата земја, но со години не спроведуваат ниту една пресуда на Судот во Стразбур.

– Како што јасно се вели во резимето на извештајот за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, спроведувањето на пресудите на ЕСЧП е приоритет за Парламентарното собрание и за Советот на Европа. Сите држави мора да ги спроведат со добра волја и без одлагање, конечните, обврзувачки пресуди на Европскиот суд. Со цел да се спроведат судските пресуди навремено и ефективно, државите мора да имаат ефективни национални механизми за координација, со доволна хиерархија и ресурси. Еден од лошите примери е Бугарија, која, според овој извештај, е седма земја со најголем број нерешени предмети. Бугарија нема спроведено вкупно 166 пресуди на Европскиот суд за човекови права. Може ли да замислите земја членка на Европската Унија која става вето на Македонија за отворање на пристапните преговори со ЕУ, да не ги спроведува пресудите на Европскиот суд и во исто време да зборува за човекови права и за владеење на правото во други земји? Колку е срамно ова! Од сите овие случаи, 16 се за основните човекови права на Македонците што живеат во Бугарија – посочи Николовски за порталот „Фокус“.

Сподели:

Потпишете се

spot_imgspot_img

Топ вести

Поврзани
Related

Над 270 милиони евра потрошени по кафеани и хотели во Македонија во првите девет месеци од 2024 година

Македонските граѓани лани се опуштиле по кафеани ресторани и...

„Земји туѓи болки наши“ – Нова емотивна песна од Класико Бенд

Класико Бенд, еден од водечките македонски музички состави, го...

Ѕвездата од „Беверли Хилс“ низ солзи му се заблагодари на поранешниот сопруг

Актерката Џени Гарт, ѕвездата на серијата „Беверли Хилс“, го...

О, Боже, зошто се согласив на ова? – Џуд Ло ќе го глуми Путин

Познатиот британски актер Џуд Ло потврди дека ќе го...