Трипати повеќе напади од бездомни кучиња се регистрирани на поширокото гостиварско подрачје лани, споредено со 2022-ра година. Според податоците од СВР Тетово, во текот на 2023-та година во Одделението за внатрешни работи Гостивар биле пријавени 94 случаи, од кои најголемиот дел 63 биле во градот, останатите низ селата Галате, Чегране и други, како и во Маврово. Во 2022-ра имало вкупно 36 напади.

Кучињата скитници за граѓаните се сериозен проблем поради кој честопати се чувствуваат небезбедно на улици, во паркови или други јавни површини каде животните се собираат во глутници и се случива да бидат агресивни. Ризикот е поизразен во вечерните часови или рано наутро, кога нема многу движење од минувачи и возила.

Изминатиот период повеќе граѓани кои се обратија до нашата редакција, како особена критична локација каде се повторуваат напади од кучиња, ја посочија областа кај големиот мост близу зградите со социјални станови.

Според проценките на подрачје на Општина Гостивар има околу 1.000 кучиња, скитници од кои 650 во градот и останатите 350 по селата. Од локалната самоуправа велат дека општината преку ангажирање оператори врши третман на животните, но дека се носат кучиња од други градови и затоа ги има во толкав број низ улиците, пренесува Гостивар прес.