Функционерите да ги тргнат рацете од правосудството, ама и да го ограничат политичкото мешање. Ваква порака испрати Стејт департментот на прашање на Гласот на Америка, дали и Соединетите Американски Држави помагале да се обезбедат докази за предметот „Феникс“.

Во својот одговор, велат дека, борбата против корупцијата е приоритет на САД и ќе продолжат да помагаат за владеење на правото, искоренување на корупцијата и борбата против организираниот криминал. Тоа е неопходно за враќање на довербата на граѓаните во институциите, но и за членството во ЕУ, велат од американскиот Стејт департмент.

„Лидерите на Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење на довербата на граѓаните во владата“, се вели во пораката на Стејт департментот.

Во владата пак, повеќе немаат надеж дека државата сама може да ги подобри состојбите во правосудството. Според министерот Османи, иако земјата има најрадикални закони за некој да стане судија или обвинител, тоа не ги решава проблемите. Подобрување на состојбите гледа единствено во преговорите за членство во ЕУ.

„Губам надеж дека сами ќе можеме да го поправиме правосудството. Единствена надеж гледам во отворање на Поглавјата 23 и 24 и вклучување на механизмите на Европската Унија во тој дел. Пробавме се, пробавме со најдобрите закони. Нема реформи во правосудството, нема враќање на доверба, нема борба против корупцијата без отворање на Поглавјата 23 и 24“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи. 

Пораката за ограничување на политичкото мешање во правосудството, следи по две недели откако струшкиот градоначалник Мерко се најде на амеркиканската црна листа заради влијание врз судии и обвинители и вмешаност во корупција. Во меѓувреме, обвинителството отвори предмет за поранешни функционери, во кој дел од комуниколозите препознаа обид за дефокус од тековните случувања. 

Но, за партијата на власт, случајот „Феникс“ го покажал незаконското богатење на опозициската партија.

„ Ете го патриотизмот на ДПМНЕ на дело, незаконски се богателе преку спомениците на Гоце Делчев, на Александар Македонски, на Гемиџиите и Цар Самоил. И додека ДПМНЕ ги прозива независните судски институции јавноста се уште очекува епилог од предметот Делчевски ниви каде се вмешани блиски соработници на Мицкоски“, вели Дарко Каевски, Портпарол на СДСМ.