
Први септември дојде и помина, а комплетите со учебници пак останаа нецелосни. На десетина дена од крајот на првиот месец од почетокот на учебната година, учебници нема, а има и такви кои се доста оштетени. Околу 600 денари ви требаат за да направите копија на еден учебник за во средно образование кои Министерството за образование и наука не го доставил до одредени училишта. Во некои од средните училишта учебници по одредени предмети нема, а се чека МОН да ги достави. Во меѓувреме почнаа и испрашувањата на учениците кои за да може да одговорат доследно на часовите, печатат или делови од учебникот со надеж дека учебници наскоро ќе има, но ги печатат и целосно учебниците за кои професорите немаат информација кога ќе ги добијат од МОН.
Нема учебници по Биологија и Хемија за здравствената струка, а според она што официјално за МКД.мк ни го одговорија од МОН хартиени учебници нема да има, туку средношколците можат да ги најдат онлајн. Е сега, за вашето дете на учи од мобилен телефон овие два учебници треба да се испечатат, а тоа ќе ве чини околу 1.200 денари.
Нема доволно ниту учебници по странски јазици. За нив МОН уверува дека дел ќе бидат дистрибуирани до крајот на септември, а дел дури откако ќе бидат склучени договорите со компанијата која ќе ги печати учебниците.
„Учебниците по Биологија и Хемија за Здравствена струка ги има на е-учебници и учениците имаат пристап до истите. Во однос на прашањето за учебниците по странски јазици, дел од учебниците се веќе дистрибуирани, дел се уште се дистрибуираат и ќе се заврши најдоцна до 30.09, додека за дел од учебниците не беше склучен договор со економскиот оператор, што значи дека училиштата тие учебници ќе ги добијат по склучување на договор со компанија која ќе ги печати (Француски јазик за 1 година, Англиски за 2 година, Англиски, Француски и Италијански јазик за 3та година како и Француски и Италијански за 4та година.)“, се вели во одговорот од МОН за МКД.мк.
Учебници немаат ниту основните училишта, а дел од оние кои фалат, како што велат од МОН ќе бидат дистрибуирани наскоро.
„Во врска со дистрибуцијата на учебници за основно образование, дистрибуирани се сите одобрени учебници за 1,2,4 и 5то одделение а во тек е дистрибуцијата за новоодобрените учебници за 3то одделение и тоа на сите наставни јазици. За учебниците од 6то одделение,согласно новата концепција за основно образование,постапките се при крај и наскоро и тие учебници ќе бидат во училиштата. Учебниците од 7, 8 и 9то одделение, односно оние кои МОН ги набавува со откуп на тиражи се веќе испорачани, додека учебниците за кои МОН е издавач, ќе бидат дистрибуирани наскоро во сите училишта кои побарале учебници“, додаваат од МОН.
И додека се чека да дојде денот „наскоро“ секој се снаоѓа како знае и умее. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири уверување дека оваа година први септември ќе помине во знакот на тоа што ќе се достават учебници за секој ученик, освен оние за
Во одредени гимназии има учебници, но нема доволно за сите, па повторно учениците кои не по своја вина останале без учебник мораат да ги печатат.
Иако министерот за образование пред почетокот на учебната година тврдеше дека учебници ќе има за сите, освен некои за трето и шесто одделение, сепак праксата покажа дека тоа не е така.
Како што се вели, сметките на пазар и дома не секогаш се совпаѓаат, па така и овде некако ветувањата односно теоријата и практиката се разминаа.
„Сите учебници за прво, второ, четврто, петто, седмо, осмо и деветто одделение и поголем дел од учебниците за трето и шесто одделение ќе бидат доставени во училиштата до 1 септември. И во средното образование, по подолг период, ќе имаме достава на учебници на првиот училишен ден“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред 1 септември.
За да нема дилема околу учебниците редакцијата на МКД.мк се обрати до Министерството за образование и наука во врска со ова прашање и на 23 август годинава, а тогаш ни одговорија:
„Ве информираме дека сите учебници кои се одобрени во изминатите учебни години навремено ќе бидат испорачани до училиштата. Целосно нови учебници за прв пат одобрени ќе има и за 3-то и 6-то одделение и најголемиот дел од нив ќе се испорачаат до 1 септември, а помал дел во текот на септември“.
Иако изјавите на надлежните се полни со надежни ветувања дека учениците ќе го добијат основното средство за квалитетно образование, сепак постои и архива со која можеме да потсетиме што кажале, па сето тоа да се спореди со реалноста во која денес живееме, а во која пак нема учебници.
Почетокот на овој месец беше добар тест кој за одговорните помина се со одличен успех бидејќи не успеаја да си го одржат ветениот збор.
МОН вчера соопшти дека ќе се продолжи со реформите во образовниот процес бидејќи ги дале очекуваните резултати. Но, праксата вели дека резултати и квалитетно знаење кај децата без учебници нема.
Или што се вели: „Без алат нема занает“.