Еден средношколец од Луизијана добил повеќе од 170 писма за прием на факултет и му биле понудени повеќе од 9 милиони долари стипендии.
Денис Малик Барнс, 16-годишен матурант во Њу Орлеанс, изјавил за Си-Ен-Ен дека нема намера да поставува рекорди.
„Како што аплицирав на повеќе колеџи и како што растеше бројот на позитивни одговори, со понуди за стипендии доколку влезам во нивниот колеџ, станав заинтригиран“, рекол Барнс, додавајќи дека кога му било кажано дека е блиску до рекордот, тој одлучил да „продолжи со пријавувањето“.
Барнс вели дека почнал да аплицира на колеџи во август 2022 година и со гордост гледал како се собираат позитивните одговори и стипендиите.
„За мене тоа и не беше изненадување“, тврди матурантот.
Тој верува дека неговото семејство, пријателите и вербата во Бог се одговорни за неговиот успех.
„Јас сум посветен на Бога. Го ставам Бог на прво место“, рекол тој.
Досега се има пријавено на 200 факултети, а својата конечна одлука планира да ја соопшти на почетокот на мај пред да матурира на 24 мај.
Тој им дал неколку совети на своите врсници: „Ако го продолжите образованието, ако образованието и посветеноста на Бога ви се приоритет, тогаш сигурно ќе бидете успешни во што и да правите“, нагласува шеснаесетгодишниот Денис Малик Барнс.