Ватерполистите на Србија се пласираа во финалето на Европското првенство откако во полуфиналето ја совладаа селекцијата на Италија со резултат 17:13.
Србија одлично го отвори натпреварот и по првата четвртина имаше предност од два гола. До заминувањето на паузата се играше гол за гол, а првото полувреме заврши со резултат 9-7 во корист на српската репрезентација.
Италија не успеа да најде одговор за играта на Србија ниту во продолжението од мечот, па домаќинот на првенството во пресрет на последната четвртина имаше дури пет гола предност. Србија рутински го приведе натпреварот кон крај, а Италијанците во финишот само успеаја да го ублажат поразот.
Во финалето на Европското првенство Србија ќе се соочи со селекцијата на Унгарија, која во второто полуфинале со 15-12 ја совлада Грција.
Финалниот натпревар меѓу Србија и Унгарија е закажан за недела со почеток од 20:30 часот.





