Во регионов, Србија е земја која располага со најмногу монетарно злато – 38,5 тони. Веднаш зад неа е Македонија со резерви од 6,9 тони монетарно злато. Словенија има 3,2 тони, Хрватска нема ниту грам бидејќи го има продадено своето монетарно злато, БИХ има исто така продавано и денес има 1,5 тони, а Црна Гора има околу 1 тон.

Земјите од поранешна Југославија најголем дел од своите резерви монетарно злато ги добија по распадот на Југославија и спроведениот процес на сукцесија кога меѓу државите кои настанаа по раздружувањето се поделија 54,5 тони злато со кои располагаше СФРЈ. Најмногу злато доби Србија – 16,8 тони и Хрватска – 15,5 тони. Дел од државите го продадоа ова злато, кај некои со години не се менуваат количините, а единствена која го зголемува своето монетарно злато е Србија.

Нашата земја, пак, е на истите резерви злато од 2005 година. Единствена промена беше направена во 2016 година, кога резервите се зголемија за околу 70 килограми добиени со топење на златни монети и запленето злато во полициските и царинските акции.

Нашта земја инаку, исто како и северниот сосед, располага со рудник кој произведува злато, а тоа е Бучим од Радовиш. Според последниот достапен извештај на рудникот од 2020 година, Бучим има произведено 28.484 тони сув бакар концентрат, што содржи 5.903 тони бакар, 448 кг злато, 862 кг сребро и 722 тони катоден бакар. И во Македонја постои законска регулатива според која Народна банка може да ги зголемува количините златни резерви, но тоа не се прави.