Италијанскиот национален музеј за кинематографија со седиште во Торино му врачи награда за животно дело на американскиот актер Кевин Спејси, но се чини дека медиумите повеќе внимание обратија на неговиот говор на сцената отколку на признанието.
Актерот во својот говор им се заблагодари на членовите на филмскиот музеј за храброста да го поканат. Меѓутоа, зборовите што ги избра за да ја искажа својата благодарност се најдоа на насловните страници на американските и на некои европски таблоиди.
„Ви благодарам што имавте мадиња да ме поканите!“, рече тој.
Таблоидите го оценија неговото прифаќање на наградата како контроверзно и непристојно додавајќи дека церемонијата во Торино се случува неколку месеци пред судењето за сексуален напад.
„Навистина сум благословен, благодарен и понизен. И моето срце е полно за Националниот филмски музеј затоа што имаа мадиња да ме поканат вечерва“, рече тој од сцената.
Потоа му се заблагодари на својот менаџер Еван Ловенштајн за неговата лојалност. „Речиси е невозможно да ви кажам сè што направи тој за мене. Нивото на лидерство и мудрост што ги внесе во мојот живот. Тој не е како никој друг“.
Инаку, наградата за животно дело му беше доделена само неколку дена по сослушувањето преку видеоврска во судот во Лондон, каде што ги негира обвиненијата за сексуален напад.
Спејси во ноември беше тужен за вкупно седум сексуални напади.
Обвиненијата вклучуваат непристоен напад, сексуален напад и поттикнување лице да се вклучи во сексуална активност без согласност, сите за иста наводна жртва. Актерот се соочува со судење, кое треба да почне во јуни.