По воведните обраќања на министерот Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски, на новинарски прашања, министерот рече дека на девојчето, откако било грабнато од пред своето живеалиште, му биле врзани рацете и нозете, било ставено во вреќа за спиење и потоа е однесено на локација каде што било убиено и закопано.

На прашањето зошто барањето за откуп завршило со убиство, обвинителот Гаврил Бубевски рече дека осомничените ги фатила паника дека се следени и затоа решаваат подоцна да ги бараат парите и го убиваат девојчето.

На прашањето дали имаат информација преку кој граничен премин е избегано едно од осомничените лица, министерот Спасовски рече дека МВР има таква информација, дека е избеган заедно со неговиот адвокат. Избегани се во Белград, а потоа во Бугарија.

Бубевски рече дека во однос на инволвираноста на таткото, двајца од осомничените разбрале од таткото кога излегува девојчето од дома. Тоа се посредните докази со кои располагаме, рече Бубевски, што насочува на истрага на таткото.

За тоа дали и таткото со осомничените бил во бизнис-врска, Бубевски рече дека истражните дејства се насочени во тој правец. Првично, рече, се испитува дали причината е некој стан.

На поконкретно прашање дали таткото е директно инволвиран, Бубевски рече дека сега се утврдуваат врските, односно дали се работи за организирана група и дали сите се со ист мотив.

„За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото. Според мене, од исказите се гледа јасна хронологија на нивните дејствија, па немам сомнеж во исказите“, рече Бубевски.

Министерот Спасовски рече дека засега информациите се дека избеганото лице е директен извршител.

Бубевски рече дека исказите и материјалните докази се силен аргумент за обвинителството и дека следните искази е тешко да се променат.

„Во однос на мотивот и зошто се одлучиле да го убијат девојчето, тоа треба уште дополнително да се разјасни“, рече Бубевски.

Според министерот Спасовски, на денот кога се случило грабнувањето имало две пријавувања, првата од мајката во 8.30, а во 11 часот од таткото. По првата пријава веднаш се преземаат активности, а во Велес полицијата презема активности за случајот со исчезнувањето на 74-годишниот Панче Жежоски.

„Се вршат разговори со сите лица и во училиштето и во Велес што би можеле да дадат каква било информација“, рече Спасовски.

Новинарите реагираа што е сторено во меѓувреме откако е исчезнат Жежоски и неговото возило.

„Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации“, рече Спасовски.

„Станува збор за изолиран случај, а не е поврзан со генералната јавна безбедност. Бесмислица е дека заради собирот на ОБСЕ не се објавени информации за убиството. Освен тоа, друг оддел на МВР се занимава со безбедноста на ОБСЕ“, рече Спасовски.