Температурите паднаа – загадениот воздух се врати. Со заладувањето дојде првото загадување во главниот град, а со тоа и познатата непријатна миризба.
Концентрациајта на канцерогените ПМ 2.5 честички беше речиси 9 пати над дозволеното, a индексот на квалитет на воздухот е во портокалова фаза и е штетен за лицата со хронични болести. Граѓаните за помош веќе се јавуваат во Брзата помош, а причина е проблеми со дишењето.
-Кога ќе падне поголема магла, бидејќи е Скопје познато по маглата и се задржува за жал додека не дувне ветер или не падне дожд, повеќе денови, ситуацијата станува аларманта. Пациенти, хронично болни, кои што имаат астма, хронично опструктивна белодробна болест или со енфизими или со професионално оштетени бели дробови треба да внимаваат и да не излегуваат во тие рани утрински часови,- – Д-р Ѓорѓи Карамановски – Брза Помош.
За решение на загадениот воздух во главниот град се зборува веќе со години, но проблемот и натаму трае. Топлинската инверзија во зимските месеци го затвора Скопје како со капак, па сите штетни емисии кои се испуштаат во воздухот, остануваат и ги дишеме. Најголемиот загадувач според ЗХГ и натаму се индустриските капацитети. Велат, казните се ниски, па поевтино им е истите да ги платат, отколку да се прилагодат на еколошките стандарди, а дополнителен проблем е што нема ниту доволно инспектори.
-Не се презема ништо, тоа е проблемот, загадувањето продолжува исто како и минатите години, најголемиот проблем со загадувањето во Македонија, според сите релевантни студии и испитувања што биле направени е од индустријата и од загревањето на јавните објекти, кои што ги користат институциите за загревање на своите простории, значи тоа е најголемиот загадувач во Македонија, согорувањето на нафтените деривати,- Марјан Калевски – ЗХГ – Активист.
Наместо да ја води најголемата битка за почист воздух, државните и локалните институции се едни од најголемтие загадувачи во земјава. И за претстојната зима, јавните набавки покажуваат дека греењето ќе продолжи со загадувачките горива, Мазут и екстра лесно масло.
Скопските топлани порачале 52 милиони килограми мазут, клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се обезбедиле со 200.000 кг мазут, ЈСП – Автокоманда 100 тони мазут, се само дел од нарачателите на ова штетно гориво, а според мапата и сите јавни институции, речиси целата територија на градот е опфатена со загадувачи.