За време на доделувањето на наградите САГ (SAG) оваа година, Американското здружението на филмските актери одвои еден момент за да се потсети на ѕвездите кои починаа минатата година, пишува „Пипл“.
Монтажата „In Memoriam“ на саботната церемонија вклучуваше познати личности како Метју Пери, Тина Тарнер, Чита Ривера, Ангус Клауд, Андре Браугер, Ленс Редик, Рон Цефас Џонс, Кристијан Оливер и многу други.
Наоми Вотс го отвори сегментот со трогателна порака до десетиците актери кои светот ги загуби во текот на минатата година.
„Изгубивме толку многу извонредни актери во изминатата година, но бидејќи тие го допреа светот со својот талент, сите ја споделуваме нивната загуба. Ние кои работевме со нив, длабоко ја чувствуваме нивната загуба и нивното отсуство“, рече Вотс.
„Се разбира, тие ќе живеат во нашите сеќавања, поради драгоценото време што го делевме заедно – и преку нивната работа, нивните изведби снимени во безброј филмски сцени, секогаш подготвени да танцуваат преку екранот и да оживеат повторно, барем само за миг”, додаде таа.