Манифест за преговори со ЕУ, Декларација за Илинден – власта пред седницата за уставни измени се обидува да прави притисок. Но и пред избори да собере некој политички поен во име на националните интереси. Но, според упатените зачудувачки е зошто ни се потребни вакви документи кога во Македонија никој не е против европската интеграција и Илинденското востание, кое е составен дел од Уставот и законот за државни празници.
Историчарот Тодор Чепреганов за ТВ АЛФА вели дека Декларацијата за Илинден која ја предлага СДСМ е задоцнета реакција на власта по бугарските провокации, но притоа појаснува дека тоа е само парче хартија кое нема обврзувачка моќ.
„Она што го прават нашите политички субјекти, пред се оние кои што се на власт, го прават по инерција на она што го прави Бугарија. Ако Бугарија направи нешто, дури и тоа не го правиме, не одговараме веднаш, туку чекаме да помине извесно време, додека да се слушнат реакциите на определени политички коментатори, субјекти, да реагира јавноста и дури тогаш се преземаат мерки.“ – Појаснува тој.
Според Чепреганов дискутабилно е и пишувањето на вакви документи, без консултации со опозицијата. Тој смета дека тоа ќе создаде нови политички поделби во државата.
„Сето тоа е притисок врз опозицијата за да се прифатат уставните измени. Ова се што се прави е во таа насока. Во суштина, мене ме плаши да не дојдеме во ситуација за време на Информ бирото. Кој е за Европа, кој е против Европа. Кој е против Тито, кој е за Сталин. Мислам дека полека одиме кон тоа и ќе почнеме да се делиме по тоа. Веќе имаме, оние кои што не го поддржуваат прифаќањето на уставните измени се означени како руски ботови.“ – Вели тој.
Чепреганов посочува дека никој не е против интеграција на Македонија во Европската Унија, туку против начинот на кој што тоа се прави, со распродавање на националните интереси.
Со декларации и манифести власта прави притисок врз опозицијата за уставни измени
