
Американскиот пејач Џо Џонас (34) на почетокот на овој месец поднесе барање за развод од англиската актерка Софи Тарнер (27), за што таа тврди дека медиумите ја информирале дури четири дена подоцна, пренесуваат странските медиуми.
Во јавноста се појави судски документ според кој, наскоро поранешните сопружници се „должни да посетуваат четиричасовен курс за родителство“. Имено, Џо и Софи се родители на две малолетни девојчиња, а нивниот развод по се изгледа ќе биде сè само не лесен.
Во документот кој го објави „Мирор“, пишува дека сите страни во бракоразводна постапка со малолетни деца мора да поминат курс за образование на родителите и стабилизација на семејството, пред судот да донесе правосилна пресуда. Ако некој од родителите не ги следи овие упатства, судијата може да „изрече санкции“.
Во меѓувреме се дознава дека актерката го тужи поранешниот сопруг, со цел да се обиде да ги пресели нивните две деца назад во нејзината родна Англија, но Џо тврди дека тоа во моментов е нелегално и не е во согласност со законот на Флорида.

„Софи бараше Џо да и ги предаде пасошите на децата, за да може веднаш да ги изнесе од земјата. Ако го прифати тоа, ќе ја прекрши наредбата на судот на Флорида“, објасни претставник на пејачот.
Но, во барањето доставено до судот во Њујорк, Софи тврди дека меѓу неа и Џо имало заеднички договор за преселување на нивното семејство во Англија. Таа тврди дека „Англија е вообичаената резиденција на нивните две деца“.
Од друга страна, Џо тврди дека децата живееле со него половина година пред разводот, додека Софи снимала во Велика Британија, иако таа негира. Документот исто така, открива дека „разводот се случил ненадејно“.
Инаку, парот се разведува по четири години брак. Изворите велат дека тие имале сериозни проблеми во последните шест месеци. Наводно, во последните три месеци, Џо речиси цело време се грижел за нивните две мали деца, дури и додека неговата група била на турнеја низ САД.