ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
По одењето на херакло, Ехидна родила три сина: Агатирс, Гелон и Скит. Кога синовите пораснале, Ехидна сторила сè онака како што ѝ било речено. Бидејќи Агатирс и Гелон не можеле да го затегнат лакот и да го опашат неговиот појас, мајка им ги протерала од земјата, а најмладиот син кој тоа го сторил, го оставила во земјата на Скитите. Од овој Хераклов син Скит потекнуваат сите подоцнешни скитски кралеви.
Неговите постари браќа станале епонимни херои на народите Агатирси и Гелони.
Агатирсите од палеобалканската глосологија чесен, добар, племенит во историјата се сметани како Скити кои живееле во денешна Источна Унгарија во Ердеља.
Гелоните од палеобалканската глосологија главкс, гелос, гело-горд, весел, срдечен, со добра волја, смешен се народи во европска Сарматија, без одредени граници. Ним им припаѓале Језитите, кои во време на Римското царство жител на Тиса-Потисје и Среден Дунав, во Панонија. Тие во текот на III-IV век н.е. паднале под власта на Готите и Хуните, а подоцна во историјата им се губи трагата.
Описот на Херодот од V век ни беше една од ориентациите на основа на лингвистичките и други истражувања да ја лоцираме татковината на Скитите, тие демонизирани словенски „скитници“, во Потисје, Средно и Долно Подунавје. Тие не се само митолошки народ, во врска со Херакловите авантури по Дунав, кои Ератостен ги одредува во 1261 п.н.е., туку и историски, кога во 512 п.н.е. ја осуетиле Дариевата офанзива и окупација на нивната земја.
Подоцнешните писмени извештаи за Словените се однесуваат на I и II век н.е. кај римските историчари Тацит (55-117), Плиниј (23-79), Птолемеј (II век) и други, кои Словените ги нарекувале Венди. Пообемни писмени извештаи за Словените наоѓаме дури кај византиските писатели од VI век, од страна на Прокопиј (?-562), Маврикиј (539-602) и други, кои Словените ги нарекувале: Анти, Словени, Славени, Винди, Венди, Венети, Винити, Наври итн.
Етнонимот на Словените потекнува од зборот слово, „божјо слово“ (logos, беседа, збор), додека Славени од зборот слава („докса“, „глориа“).
Во средниот век, заради непријателските односи со Источното римско царство, византиските писатели зборот Словен, во пејоративна смисла го преиначиле, во почетокот во Стлавен, а потоа буквата т ја замениле со к,па добиле нов збор, Склавен (Склавос) што значи роб (Mpampiniotis, 1998, 1628).
Врвот на доминацијата на словенските народи дошол од страна на царот на Источното римско царство, Константин Порфирогенет (913-957) во неговото Упатство до синот Романо, како управител на царството (De administrando imperio), каде Словените се именувани како Склавиробови. А ова, заради единствената цел на Византија да ги понижи Словените, да го разбие нивниот отпор, да ги уништи нивните богови и да го уништи нивното минато, култура и иторија. Така, во сите нивни настојувања ги потенцирале етнонимите Скити и Сармати и нивното исчезнување.
Во V век Словените биле под окупација на Хуните, номадски народ од евроазиските степи. Нивното огромно царство се простирало од Каспиското Море до Рајна. По ненадејната смрт на нивниот цар Атила (453година), тоа почнало да се раслојува на шарена слика на тукушто ослободените народи, со што почнува и нивната историја. На Среден Дунав, во Панонија, биле Германите и тоа: западно од Тиса Лонгобардите, додека источно Гепидите. На левиот брег на Долен Дунав, во Склавинија (во Дакија и Влашко) биле Јужните Словени. На степите на јужна Русија биле Бугарите (Obolensky, 1991, стр.53).
Заради демографската експанзија дошло до ширење на Словените од Карпати на сите страни на светот, што почнува уште во првото столетие на н.е. Словените на север се населиле до Балтик, на запад до Централна Европа (Баварија, Австрија и Јадран), на југ преку Дунав до Пелопонез и Крит, а на исток преку Урал и Сибир до Пацификот, Каспиското и Црното Море.
Оваа огромна наезда го навестила крајот на античкиот свет (Елини, Македонци и Римјани) и отварање на вратата на еден нов свет каков што Европа го познава денес (Conte, 1984).
Во византиската историја Словените се познати под следните имиња: Венети (Западни Словени), Анти или Антаи (Источни Словени) и Склавини (Јужни Словени). Венетите или Венедите се населиле источно од Алпите, во Моравската долина на Одра. Антите се познати на просторите од Бесарабија до Доњец. Тие подоцна се наречени Руси. Со нив блиску поврзани биле Склавините на долниот дел на Дунав, предци на балканските или Јужните Словени.
Проверените упади на Јужните Словени на териториите на ИРЦ на Балканот, преку Добрудже, Моравско-Карпатските врати и Тиса, почнале рано во VI век, во време на царот Анастасиј I (491-518) и Јустин I (518-527). Тие во време на царот Јустинијан I (527-565) попримиле огромни размери, така што Словените го преплавиле целиот Балкански Полуостров (Остроговски, 1969, стр. 90, Обелески, 1991 стр.55). Рановизантискиот историограф Прокопие (551) од Цезарија во Палестина, современик на Јустинијан, дал многу важни податоци за Словените и нивното продирање на Балканот. Тој наведува дека Склавините, Антите и Хуните (Бугари), речиси секоја година откога Јустинијан го презел Римското царство, ги пустошеле Илирија и цела Тракија од Јадранското Море до Цариград, вклучувајќи ја и Елада, и покрај околу 600-тините силни утврдувања.
Во истиот период, во степите на Средна Азија, се случувала нова ерупција на преселби на народите. Бегајќи пред Турците, Аварите, номади со монглоско и турско потекло, населени северно од Кавказ, стасале до долен Дунав, во околу 561 година и се населиле на просторите на денешна Унгарија. Ломбардите се преселиле во Италија во 568 година. Здружени со Словените, Аварите го одредувале ритамот на преселбите на Словените на Балканот (Obolensky, 1991, стр.62).
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН