Македонскиот борец Гого Славески ја оствари осмата победа во БКФЦ (Bare Knuckle Fighting Championship), откако го совлада Џони Тељо со едногласна одлука на судиите.
Македонскиот борец доминираше во текот на целиот меч и во неколку наврати го испрати противникот во нокдаун, но Тељо успеа да издржи до крајот на борбата.
За Славески ова беше деветти настап во кариерата и осма победа, со што уште еднаш потврди дека е еден од најуспешните борци во организацијата.
Неговиот претходен триумф беше забележан во декември 2025 година.
Покрај триумфот во рингот, Славески привлече внимание и со уникатниот изглед, настапувајќи во специјално дизајнирани боксерски патики изработени од македонски бренд. Дизајнот ги комбинира симболите на македонската историја и традиција преку црвено-црното знаме со ножот, пораката „Слобода или смрт“, како и автентичен македонски народен вез.

Станува збор за рачно изработен модел инспириран од темата „Тивко е на ножот“, создаден во соработка со самиот Славески и реализиран во исклучително краток рок непосредно пред борбата. Овој необичен проект претставува успешен спој на спортот и дизајнот, при што македонската креативност доби можност да биде претставена пред глобалната публика која ги следи настаните во БКФЦ.






