Главниот град е преполн со ѓубре. Работниците од комуналец трет ден по ред не го собираат отпадот од контејнерите. Граѓаните стравуваат од ширење на заразни особено во овој период кога се очекува дневните температури уште повеќе да растат. Оние со кои зборувавме бараат општинските власти да го решат проблемот за да се спречи уште поголема комунална и здравствена хаварија.
„Гледате сами, како да не пречи? Првин, начинот на кој го оставаме отпадот не е добро. Нормално, секоја болест може да се прошири, тука има многу кучиња, мачки и деца. Мора да има решение, можеби се во право тие што протестираат, не можам да се мешам, но и така не е добро. Оваа недела се очекува да биде уште потопло, па ќе биде уште поголем проблем.“
„Ситуацијата е катастрофална. И за тие работници греота е да не земаат плата. Се надевам нема да се рашири некоја болест.“
Според статистиките, дневно во Скопје екипите на комуналното претпријатие подигаат по околу 400 тони комунален отпад. Дополнително на ова, секојдневно се фрлаат и градежен шут, земја, гранки и други кабасти отпадоци, како и медицински отпад.
Неспособноста на менаџментот на Градот Скопје и институциите под Градот Скопје повторно излезе на виделина. За жал, изминатиот период граѓаните се соочија со сериозен проблем околу комуналната хигиена и несобирањето на сметот од страна на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, иако за тоа сите како граѓани плаќаме соодветен надомест. Имајќи ја во предвид оваа состојба, јас денеска остварив контакт со моите колеги од соседните општини, градоначалникот на Општина Илинден и Општина Петровец и тие уште вечерва испратија соодветни екипи и механизација која што ќе ни излезе во пресрет и заедно со Јавното комунално претпријатие на општина Гази Баба ќе преземеме теренски активности со цел собирање на сметот, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во изјава за вестите на телевизија Сител, каде што на лице место од терен го собираат сметот кој што веќе неколку дена не е собран од страна на ЈП „Комунална хигиена“.
Стефковски упати предлог до менаџментот на јавното комунално претпријатие, ако не се способни да го собираат и да менаџираат со комуналниот смет, механизацијата, како и буџетот со која располагаат нека ги даде на располагање на скопските општини, за тие да менаџираат со нив и да воспостават ред и чистота во градот.
„Апелирам до Градот Скопје и до надлежните институции, навремено да превземат соодветни мерки да се надмине оваа ситуација. Доколку истите не се во состојба да воспостават менаџирање во однос на собирање на комуналната хигиена, имаме соодветен предлог, дел од механизацијата со која што располага Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, секако и буџетот со кој располага, рамномерно да се распредели согласно големината на скопските општини и ние како скопски општини да менаџираме со оваа механизација за собирање на комуналниот смет“, рече Стефковски.
Морав да констатирам дека директорката Мазнева беше во право кога најави дека граѓаните на Градот Скопје поради ова насилство ќе трпат големи штети и дека ќе се појават стаорци по улиците и тоа ѝ се случи. Погледнете ги само стаорците од политичките елити како инструирано отскокнаа и ја користат оваа состојба која сами ја креираат, за свои политички поени, вака доцна синоќа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска се обрати после состанокот на Кризниот штаб на Град Скопје за случувањата во „Комунална хигиена“.
Арсовска обвини дека „мафијашки структури“ ја блокираат работата на „Комуналец“ поради како што вели, лични интереси.
Исто така информира дека е ставен во функција Кризниот штаб на скопските јавните претрпријатија, кој што има за цел да ја одржува хигиената во главниот град.
Градоначалничката испрати порака и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Вечерва е разобличен затоа што за евтини политички поени, сака да креира проблеми за граѓаните, а потоа да се претставува дека ги решава и расчистува. Таквите политичари се најголемото ѓубре кое што овој град ги видел и ние вечерва со чистењето со ѓубрето, ќе почнеме да ги чистиме и нив, кажа Арсовска на брифингот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од општина Бутел апелираше до надлежните да ги надминат недоразбирањата околу проблемите со „Комунална хигиена“ и нерасчистувањето на сметот.
Тој побара од раководните лица во депонијата „Дрисла“ да не го попречуваат одлагањето на ѓубрето.
-Да не ги тероризираме скопјани, егото да не биде прво место, туку желбата да им се помогне. Скопје е град на солидарноста и овој пат повторно општините во Македонија се солидаризираа со скопјани и помогнаа со механизација, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде се од себе заедно со градоначалниците во скопските општини да се доведе хигиената на пристојно ниво.
На прашањето како ги коментира случувањата во „Комуналец“ и турканиците меѓу специјалната единица и дел од вработените, Мицкоски повтори дека треба политиката да се остави на страна.
-Скопјани заслужуваат чист град. Дајте да го исчистиме градот, срамота е ова што се случува. Има време и за политика и политиканство, кажа лидерот на опозицијата и додаде:
-Eдно од решенијата е механизацијата да биде отстапена на општините и тие самите да можат да ја оддржуваат хигиената кога веќе ЈП „Комунална хигиена“ тоа не може да го прави.
Скопје во хаос – се гуши во отпад, депонии на секој чекор, а надлежните се расправаат кој е крив
