Скопјанецот Афет Џелилов не може на државата да ѝ докаже дека е жив, и покрај тоа што Граѓанскиот суд Скопје го прогласи за мртов неговиот брат-близнак кој починал во Чешка со пасошот што му го украл на Афет пред да замине,објави „Сдк.мк“.
Поради ваквата состојба, тој долго време не може да извади извод од матичната книга на родените, ниту да ги обнови истечените лични документи, бидејќи не постои во системот.
Но, неодамна, како што пишува „Сдк.мк“, се случил бизарен настан. Од една страна, за државата е мртов и закопан во селото Количани, а на домашната адреса му стигнала покана за на суд адресирана на негово име и презиме, за сторен сообраќаен прекршок. Така, „мртвиот“ Афет, оживеан привремено од Кривичниот суд Скопје, е поканет на судење на 8 јуни, во Одделот за прекршоци во Кривичниот суд.
Управата „жив го закопала“ Афет уште во 2001 година, кога во Чешка починал неговиот близнак, Нусрет Џелилов. Со почнувањето на воениот конфликт во Македонија таа година, Нусрет тајно му го зел пасошот на брата си и заминал за Чешка. Но, Нусрет таму набргу починал, во време кога и натаму се идентификувал со пасошот на Афет.
Сега Афет се бара на суд за сообраќаен прекршок, но се поставува прашањето – што ако го осудат за побрзо возење од дозволеното? Како државата ќе му ја наплати казната, кога го прогласила за мртов, а ви исто време со години ги одбива доказите дека е жив, здрав, дека постои, дека има жена, деца, дом, адреса, и дека брат му е починатиот?