Состојбата во моментов е стабилна и безбедна – тоа е генералната оценка од синоќешната седница на Советот за безбедност, кој расправаше за безбедносната состојба во Македонија по воените дејствија на САД и Израел кон Иран и иранските напади кон земјите во Персискиот залив, во кои има американски бази.
„Состојбата во којашто се наоѓаме врз основа на податоците од Агенцијата за разузнавање и од АНБ, и од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а особено од Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, но и од началникот на Генералштабот, може да се оцени како стабилна и како безбедна. Ние не сме во моментов изложени на нестабилност, ниту има опасност по безбедноста внатре и во регионот“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.
Тоа е највисокото советодавно тело во Македонија, кое ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседателката посочи дека постои систем на рано предупредување и координација меѓу сите надлежни органи во земјата при што редовно се врши проценка на ризиците, но и координација со соодветните органи во регионот. Посебна грижа и внимание се посветува и на објекти како Музејот на холокаустот или седишта на еврејската заедница.
„Добивме информации од надлежните дека ги следат овие процеси и дека се под заштита и контрола овие објекти“, рече Сиљановска.
Ќе се обезбеди покриеност со нафта
Во светот постои стравување од економски последици, oткако Иранската новинска агенција Тасним објави дека Исламската револуционерна гарда го прекинала превозот во Ормускиот теснец, низ кој поминува околу 20% од светската поморска трговија со нафта и една петтина од трговијата со течен природен гас (LNG). Може да бидат погодени и земји кои не увезуваат нафта од држави во Заливот, бидејќи падот на понудата ќе ја крене цената на глобалниот пазар, што би довело до зголемување на инфлацијата, забавување на економскиот раст и нарушени синџири на снабдување.
На седницата на Советот за безбедност фокусот бил ставен и врз можното влијание на економијата и користењето на енергенсите.
„Во тој поглед надлежните информираа дека нема проблем. Како што знаете, интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција и Владата изрази уверување дека ќе обезбеди покриеност со нафта во рамките на Законот за задолжителни нафтени резерви. Добивме цврсто уверување документирано со податоци, дека во моментов нема причини од голема грижа. Се разбира, ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме“, уверува претседателката Сиљановска.
Кризниот центар во контакт со граѓаните
До вчера, повеќе од 400 македонски државјани кои се затекнале во загрозените подрачја на Блискиот Исток ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија за информации околу евентуална евакуација. Формираниот Кризен центар во рамките на МНР е на 24-часовно располагање за сите македонски државјани на кои им е потребна конзуларна помош или поддршка. Дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби се целосно на располагање преку дежурните телефонски броеви. Досега се уште не се создадани солидарни коридори за евакуација, бидејќи во прекин е воздушниот сообраќај.
„Во некои држави, во Катар на пример, имаше можност за бродски превоз, меѓутоа и тој не функционира. Факт е дека се згрижени, дека се безбедни и дека се во постојан контакт со Министерството за надворешни работи, коешто пак работи на тоа, да најде најдобар начин што е можно најбрзо оние кои сакаат да може да дојдат овде“, рече Сиљановска за македонските граѓани затекнати во загрозените подрачја.
Министерството за култура и туризам на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) вчера најави дека ќе бидат покриени трошоците за сместување и храна на патниците заглавени во земјата. Претходно и новинската агенција на Емиратите УАМ, објави дека Генералната дирекција за граѓанска авијација ги обезбедила и ги покрила трошоците привремено сместување, храна и за олеснување на процедурите за пререзервација во согласност со одобрените оперативни планови.
Потреба од засилени мерки
На синоќешната седница со која претседаваше претседателката Сиљановска, присуствувале сите членови на Советот: премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министрите за внатрешни работи и за одбрана, Панче Тошковски и Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски (преку видео-врска), како и членовите именувани од претседателката – Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
На седницата беа поканети и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање (АР), Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски.
Повеќето од членовите укажале на нужноста од постојано следење на галопирачките воени дејствија во заливот, како и на неопходноста од засилена активност на инструментите на рано предупредување.
„На внатрешен план, претставниците на Владата декларираа целосна подготвеност и способност за справување со евентуалните економски и енергетски проблеми, предизвикани од војната. Беше потенцирана потребата од засилени мерки против можни сајбер напади врз институциите и хибридни закани, како и нужноста од зголемена контрола на гранични премини“, се наведува во соопштението по седницата.



