Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се оградува од именувањето на разузнавачот Киро Тодоровски за претставник на Агенцијата за разузнавање во Виена, иако постои актуелна потврда дека тој е правосилно осуден за изборни нерегуларности во случајот „Титаник“.
Од Кабинетот на претседателката објаснуваат дека Агенцијата за разузнавање е посебен орган на државната управа, дека одлуката за избор ја потпишува директорката на Агенцијата, Габриела Јаковлева, а министерот за надворешни работи носи решение за упатување.
„Имено, согласно член 1 став (2) од Законот за Агенцијата за разузнавање, „Агенцијата претставува посебен орган на државната управа“, а согласно член 5 од истиот закон, „директорот самостојно ги врши работите и ги остварува надлежностите на Агенцијата“. Оттука, кадровските, организациските и оперативните одлуки се донесуваат исклучиво во рамките на законски утврдените овластувања на овој самостоен орган. Впрочем, директорот/директорката, а не претседателот/претседателката на државата ја потпишува одлуката за избор на претставник на АР во ДКП, врз чија основа министерот за надворешни работи носи решение за упатување, по што тој/таа потпишува акредитивно писмо, коешто претставникот го предава во надлежната служба на земјата-домаќин“, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателката.
Случајот со именувањето на Тодоровски го откри „Слободен печат“, откако „свиркач“ достави пријави до Државната комисија за спречување на корупцијата, во кои се оспорува враќањето на Тодоровски на работа во Агенцијата за разузнавање, добивањето сертификат за „државна тајна“, а потоа и неговото испраќање во Виена, и тоа со уверение од Кривичниот суд во кое стои дека е осуден на условна казна во случајот „Титаник“.
Од Кабинетот на Сиљановска-Давкова велат дека постапката за избор на претставник на АР во ДКП е класифицирана и потсетуваат дека надзор над работата на Агенцијата врши Собранието.
„Постапката за избор на претставници на АР во ДКП е уредена со Правилник за упатување и враќање на претставници на АР во ДКП, а се спроведува врз основа на интерен конкурс од страна на Комисија за избор и сите изборни активности, од конкурирањето до изборот, имаат класифициран карактер. Но, потсетуваме дека законодавецот утврдил механизам на демократска и институционална контрола врз работата на Агенцијата за разузнавање. Имено, согласно член 21 од Законот, Собранието врши надзор над работата на Агенцијата преку надлежната собраниска комисија. Значи, сомнежите за незаконско постапување на Агенцијата можат да се проверат преку иницирање постапка на парламентарен надзор над работата на Агенцијата. Имајќи го предвид горенаведеното, сметаме дека, во случајов, прво, не постои законски основ за навлегување на претседателката во надлежноста на АР, како посебен орган на државната управа, чија надлежност самостојно ја остварува директорката, ниту да оценуваме или коментираме кадровски постапки со класифициран карактер“, велат од Кабинетот.
Став од претседателката, всушност, јавно побара и политичката партија Левица, која обвини дека Тодоровски бил испратен во странство под нејзино политичко покровителство.
Претходно, „Слободен печат“ ги отвори и прашањата како Тодоровски ја поминал безбедносната проверка што ја врши Агенцијата за национална безбедност и како Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации му издала безбедносен сертификат, иако постои податок дека тој е осудуван.
Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, слично како и АНБ, одговори дека не станува збор за класифицирани информации, туку дека евиденцијата што ја води ДБКИ за обработените барања и издадените безбедносни сертификати е со ознака „за ограничена употреба“ и дека до неа не е дозволен слободен пристап.
Засега нема одговорност, ниту логично објаснување како Тодоровски, и покрај правосилната пресуда во случајот „Титаник“, ги поминал безбедносните процедури, добил сертификат за пристап до класифицирани информации и потоа бил испратен како претставник на Агенцијата за разузнавање во Виена.
Извор: Слободен Печат





