„На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор, ниту за игралиште“ – ова е дел од одговорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за објавата на „Икс“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по последната посета на Скопје:
„Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“.
Во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, претседателката Сиљановска-Давкова вели дека го прашала и премиерот Христијан Мицкоски дали можеби кај него Фон дер Лајен кажала такво нешто, но и тој и одговорил одречно.
„Не, не, ни кај него не зборувале за игралишта и топки. На ‘Твитер’ тоа излезе. Е сега, низ призма на она што веќе го кажав – видете, топката е реквизит. Освен во уметничката гимнастика, сами со топка, сам со топка никој не игра. Значи, топката е инструмент за игра. За игра се потребни двајца. Играта секогаш се одвива по точно утврдени правила. Правилата не се менуваат во текот на играта, што ни се случи нам. Е сега, што ако е топката од офсајд или што ако е топката со фаул фрлена во игралиштето? Или, што ако голов е празен, нашиот беше празен, па го полнеа, го полнеа, мрежата се искина. Значи, правилата во играта се однапред утврдени. Тоа е прво. Второ, кога мене ме прашуваат однадвор – ‘дали ќе го смените Уставот’, јас не можам таква гаранција да дадам, јас велам не сум јас Јован Безземја, не сум јас апсолутен монарх. Значи, парламентот тоа го прави. А пратениците гласаат по сопствено уверување и ги претставуваат граѓаните, не мене и не ЕУ. Да бидам искрена. Значи кога вие велите сменете го Уставот, професорот во мене вели вака – ‘кога вака ми велите мене, морате да го смените Уставот’, вие ми велите – ‘заборавете на парламентарната демократија, оти таа има неизвесен резултат’… Е сега, тоа е нешто што ме тера на следново. Да подразмислиме, како можело во Преговарачка рамка и во заклучоци да влезат одредби од записник…“, вели Сиљановска-Давкова.



