Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека воведувањето една изборна единица е добро решение за државата, бидејќи на тој начин секој глас би имал еднаква тежина. Таа во интервју за телевизија „Канал 5“ посочи дека иако ваквиот модел е редок во Европа, сепак може да придонесе за пофер изборен процес.
„Иако е ретко решение и го има во две или три држави, сепак добро е да го има и кај нас затоа што во различни изборни единици со различен број гласови се победува. Гласот треба да има иста тежина“, изјави Сиљановска-Давкова.
Дијаспората не смее да биде дискриминирана
Говорејќи за дијаспората и нејзиното право на гласање, претседателката оцени дека сегашните решенија во Изборниот законик создаваат нееднаков третман на граѓаните што живеат надвор од државата. Според неа, Уставот јасно предвидува дека избирачкото право, без разлика дали е активно или пасивно, произлегува од државјанството.
„Најголем број држави во светот ѝ дозволуваат на дијаспората да гласа. Само мал број земји не го дозволуваат тоа. Кај нас е чудно што дијаспората може да гласа на локални избори, што е речиси непознат феномен“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека испраќањето гласачи во дипломатско-конзуларните претставништва е тешко остварливо, поради што во многу земји се применуваат модели како електронско гласање или гласање по пошта.

Електронското гласање повторно тема на дебата
Во врска со критиките дека електронското гласање може да отвори простор за злоупотреби, претседателката потсети на начинот на кој беше спроведен пописот на населението.
„Опозицијата овозможи електронско регистрирање за пописот. Кај нас се регистрираа електронски и лица кои беа подолго време надвор од државата и влегоа во пописните резултати“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека за измените на Изборниот законик е потребен широк политички консензус, вклучително и околу прашањето за платеното политичко рекламирање.
Осврнувајќи се на укинувањето на техничката влада, чиј законски указ го потпиша, Сиљановска-Давкова рече дека моделот што досега постоел бил претежно партиски. „Јас сум за техничка влада каква што има во Бугарија, Грција и Италија. Нејзината цел треба да биде обезбедување фер и демократски избори, без партиско влијание. Она што го имавме ние беше нешто сосема друго“, рече претседателката.
СДСМ: Изјавите отвораат повеќе прашања отколку одговори
Од СДСМ реагираа на ставовите на претседателката, оценувајќи дека нејзините изјави отвораат повеќе дилеми отколку што нудат решенија.
Од партијата прашуваат зошто го потпишала указот за укинување на техничката влада ако смета дека е потребен механизам што ќе обезбеди фер избори, како и зошто не предложила нов модел доколку навистина сметала дека постојниот не е соодветен. СДСМ бара одговор и на прашањето зошто се инсистира на електронско гласање и на моделот со една изборна единица, кој според изјавите на претседателката се применува во ограничен број држави.
Во реакцијата партијата оценува дека претседателката селективно пристапува кон темите поврзани со Изборниот законик и изборните реформи.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека СДСМ, ДУИ и Левица го блокирале носењето на новиот реформски Изборен законик. Според владејачката партија, постоел простор за широк консензус и договор меѓу политичките субјекти, но опозицијата се определила за блокади поради страв од изборен пораз.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека предлагаат решенија усогласени со препораките на меѓународните институции и дека дијаспората треба да добие поголеми можности за гласање. Партијата оценува дека усвојувањето на Изборниот законик е дел од реформските обврски на државата и важен чекор кон европската интеграција.





