Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека системот „Безбеден град“ (Safe City), кој започна со пробно функционирање, регистрирал 110.000 сообраќајни прекршоци за само 24 часа.
Тошковски ја соопшти оваа фрапантна бројка по неговото обраќање на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Овој податок, кој е двојно поголем од првично објавените 65.000 прекршоци за 12 часа, уште еднаш ја потврдува алармантната состојба со сообраќајната култура и неопходноста од воведувањето на системот.
По почетокот на пробниот период на системот „Безбеден град“, кој во првите часови регистрираше повеќе од 65.000 сообраќајни прекршоци, дел од поранешните пратеници остро реагираат на новата сообраќајна реалност во Скопје. Експратеникот Рубин Земун јавно ја критикуваше работата на Министерството за внатрешни работи, по примањето на три електронски опомени за наводно пречекорување на брзината.
„Господа од МВР, време е да размислите и за граѓаните. Треба да направите зелен бран на Партизанска, за да може со брзина од 40 км/час да се поминат барем 5-7 раскрсници, а не да фаќаме црвен бран од едниот до другиот крај на Сити Мол. Денес добив три опомени од системот ‘Безбеден град’ за возење со 51, 54 и 56 км/час. Можеби 56 е прекршок, но 51 и 54?! Оваа 56 е поради стигнување на ‘зелено’, а овие 51 и 54 воопшто не знам! Веројатно и брзинометрите треба да се проверат. Слушам денес имало над 60.000 прекршувања до 15 часот! Сигурно две третини од нив се со брзини под 55 км/час. Ќе биде катастрофа!“, напиша Земун.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го коментираше системот „Безбеден град“ кој почна вчера да работи, но во декември ќе стигнуваат само опомени, а од јануари веќе ќе почне и да казнува.
Мицкоски кажа дека посакува системот да се прошири и на територијата на целата држава.
„Ја поддржувам примената на Безбеден град и поддржувам да се прошири на територијата на цела Македонија. Некои велат дека тоа ќе донесе критика или политички удар кон Владата, и јас велам дека сме подготвени да го издржиме тој политички удар, само да спасиме некој човечки живот. Само во изминатите недела две имавме три жртви во строгиот центар на главниот град. Во разговори со министерот за внатрешни работи, подготвени сме да ги трпиме сите критики, како што слушам од некои поранешни противници СДСМ и ДУИ, кои го критикуваат сето тоа. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен да понесам политичка одговорност, затоа што тие човечки животи се губат поради непочитување на правила. Видовте еден ден колку прекршои се на правени, дел од нив беа поради тоа што управуваат возила кои не се регистрирани, дел од тие затоа што поминуваат на црвено светло. И тоа е катастрофа“, рече Мицкоски.





