Фудбалерите на Силекс стигнаа до втора победа во третото натпреварувачко коло во Првата македонска лига, откако во првиот меч со кој беше отворена саботната програма славеше на домашен терен против Скопје.
Гостите од главниот град одолеаја во првото полувреме кое заврши со резултат 0:0, но во вториот дел, Силекс додаде на педалот за гас и постигна три гола за рутинска победа.
Хасукиќ го отвори резултатот на стартот на вториот дел и тоа им даде полет на домашните фудбалери, па до крајот беа постигнати уште два гола во режија на Богдановски и Мишов.
На вториот меч кој се играше ова попладне во Македонија, Шкендија Арачиново оствари историска победа, и тоа на тежок терен против залетаниот Тиквеш.
Арачиновци ја остварија првата победа во историјата во најсилната лига во Македонија, а херој на мечот беше Симоновски кој погоди уште во раната фаза од средбата.





