Силвестер Сталоне низ годините стана синоним за непобедливите херои на големото платно, но неговиот пат до успехот бил сè само не лесен. Во своите нови мемоари насловени „Чекорите“ (The Steps), 80-годишниот актер раскажува за периодот од раните 70-ти кога работел во една продавница во Њујорк, работа што за малку ќе го чинела слобода.
Како што раскажува Сталоне, драмата започнала кога тој му соопштил на човек од компанија за собирање отпад дека почнува да соработува со нов снабдувач. Човекот агресивно го турнал кон тезгата и му се заканил дека ќе го тепа. Во моментот на самоодбрана, актерот брзо зел чекан за месо и „остар нож за риба“, но за среќа полицијата интервенирала пред ситуацијата целосно да ескалира.
Сталоне бил уапсен поради „закана кон ненаоружан маж со две смртоносни оружја“. И додека другиот маж набрзо бил пуштен на слобода, тој завршил во притвор, познат под мрачниот прекар „Гробниците“ (The Tombs).
„Беше валкано, насилно и преполно. Тоа беше вистинска куќа на ужасот“, се сеќава Сталоне, додавајќи дека условите го потсетиле на неговата тинејџерска возраст кога исто така поминал една недела во слична, дури и полошка установа каде што немало полиција, закони и судии.

Во притворот ја делел ќелијата со најмалку 15 мажи, иако просторот бил за најмногу шестмина. По недела и пол бил ослободен и веднаш си дал отказ од продавницата за храна.
„Тоа беше вистински повик за будење. Помислата дека повторно би можел да ја изгубам слободата ми беше најголемиот поттик засекогаш да внимавам како се однесувам“, пишува актерот, кој само неколку години подоцна, во 1976 година, станал глобална ѕвезда благодарение на култниот „Роки“.
Во рамките на промоцијата на своите мемоари, Сталоне неодамна проговори и за еден застрашувачки период од неговите тинејџерски денови во Пенсилванија, кога поради бркање девојки и кршење правила бил испратен во установа позната како „Park Lodge“ или „Змијското гнездо“.
Луѓето внатре трчале голи, со врзани раце и се лигавеле, што требало да биде казна што ќе го исплаши засекогаш. За време на престојот, тврди тој, бил и физички нападнат од друг штитеник, по што чуварите интервенирале. Иако од институцијата подоцна изјавија дека го почитуваат неговото право на сопствена приказна и жалат за какви било трауми, сведоштвата на Сталоне уште еднаш покажаа низ какви сè борби минал пред да го освои Холивуд.





