По пауза од цели шест години, американскиот бренд за долна облека „Викторијас сикрет“ ја одржа долгоочекуваната ревија во вторникот вечерта, на која продефилираа познатите „ангели“, но и новите.
Замавнувајќи со традиционалните ангелски крилја, Џиџи Хадид ја имаше честа да ја отвори модната ревија „Викторијас сикрет 2024“, што триумфално се врати на модните писти откако шоуто беше откажано во 2019 година.
Култната модна ревија се одржа во главната продавница на „Викторијас сикрет“ во Њујорк по шестгодишна пауза, а на модната писта во оваа пригода се вратија ветеранките – ангели на „Викторија“ – Адријана Лима, Алесандра Амбросио, Кендис Свејнпул и Тајра Бенкс, кои прошетаа рамо до рамо со иконите на новата генерација, вклучувајќи ги Тејлор Хил и Барбара Палвин.
Модното шоу го отвори манекенката Џиџи Хадид, а по неа зачекорија Ирина Шајк, Даутцен Крус, Виторија Черети, Бехати Принслу, Тејлор Хил, Лили Елдриџ и многу други.
Тајра Бенкс го затвори шоуто, додека помладата сестра на Џиџи, Бела Хадид, беше „изненадувањето“ на ноќта, облечена во црвена долна облека.
За првпат во историјата на модните ревии на „Викторијас сикрет“, кои се одржуваа од 1995 до 2018 година, брендот реши да го промени застарениот пристап кон идеалот за женска убавина. Па, годинава на модната писта можевме да видиме модели со облини, како и модели постари од педесет години.
Во согласност со новиот инклузивен пристап, на пистата се појавија плус-сајз моделите Палома Елсесер и Ешли Греам, како и трансродовите модели Алекс Консани и Валентина Сампајо.
Модната икона Кејт Мос (50) за првпат блесна на розовата писта, а ѝ се придружија и култните модели Карла Бруни (56), Тајра Бенкс (56) и Ева Херцигова (51).
Топмоделите Ирина Шајк, Кејт Мос, Ева Херцигова, Карла Бруни покажаа како вистински изгледа еден супермодел и ангел на „Викторијас сикрет“.
Што се однесува до музичките ѕвезди, на сцената настапија легендарната пејачка Шер, корејската поп-сензација Лиза и јужноафриканската пејачка Тајла.
Да потсетиме, „Викторијас сикрет“ ја одржа својата последна ревија во 2018 година. Изданието во 2019 година беше откажано не само поради слабиот интерес, туку и поради социјалната осуда за промовирање нереални стандарди за убавина и недостаток на инклузивност.
Чадор-компанијата „Ел брендс“ тогаш објави дека сака да го подобри маркетингот на брендот.
– Ги прочитавме вашите коментари и ве послушавме. Модното шоу на „Викторијас сикрет“ ќе се врати и ќе нè отслика какви што сме денес, со сите работи што веќе ги знаете и ги сакате – гламур, модна писта, крилја, музичка забава и многу повеќе – изјавија од „Ел брендс“ во мај годинава.