Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик ќе предизвика низа позитивни реакции, ќе ја отслика реалната состојба на јазикот и ќе се регулира неговата правилна употреба, посочи во денешното гостување во МРТ министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Текстот, истакна таа, предвидува секоја институција да вработи лектор, кој ќе ги лекторира сите документации на институциите.
„Многу е важно што се воспоставува Инспекторат за употребата на македонскиот јазик со новиот Закон за употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Главната улога на Инспекторатот ќе биде контролата на начелата на законот, односно она што е правилна употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За сето она што е јавен документ, а не е лекторирано, веднаш ќе има најпрвин предупредување, а понатаму ќе се издаде соодветна казна“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека македонскиот јазик е заштитен како културно наследство, а тоа е уставна категорија.
„Казните тука се многу високи, но прво ќе се предупредува, а казните во случај на повреда на уставна категорија се трипати повисоки од оние пропишани во законите. Ако се кршат одредбите од овој закон, зборуваме за прекршување на највисоката уставна категорија – културното наследство и верувам дека овој закон ќе ја унапреди правилната употреба на македонскиот јазик“,
рече министерката за култура,
Од самата најава, додаде таа, имаме зголемување на лиценцирање на лекторите.
„Повторно се вративме од 2017 година навака на стандардното полагање за лиценцирање лектори, наместо досегашно електронско полагање што не ги покажа резултатите“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека сите партии го поздравиле носењето на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Според Костадиновска-Стојчевска новиот закон е од исклучителна важност, бидејќи ја регулира правилната употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.