Светот се простува од легендарната рок пејачка Тина Тарнер.

По долго боледување на 83-годишна возраст таа почина синоќа во нејзиниот дом во близина на Цирих, Швајцарија.

Славната пејачка во последните години од својот живот, страдаше од бројни здравствени проблеми поврзани со канцерогено боледување, мозочен удар и откажување на бубрезите.

Нејзиниот подем кон врвот на ранг листите и славата започна уште во 60-тите година, во кои твореше со својот тогашен сопруг Ајк Тарнер.

Т.н. „кралица на рок ен ролот“ се прослави со своите жестоки и интензивни настапи во живо, како и впечатливиот глас, а во текот на својата кариера, освои 8 греми награди и во 2021-та година влезе во халата на славните на рок енд рол музиката, како соло изведувач, откако претходно заедно со Ајк, таа чест и беше доделена во 1991-та година.

Обожавателите ширум светот оддадоа сопствена почит – со цвеќе положено на ѕвездата на Тарнер на Булеварот на славните во Холивуд во Лос Анџелес и запалени свеќи пред нејзиниот дом во Куснахт, во близина на Цирих. Букети беа оставени пред лондонскиот театар Алдвич – сегашниот дом на мјузиклот по име Тина, за животот на покојната пејачка.

„Генерално за црните луѓе, таа беше вратата, таа отвори толку многу врати за толку многу артисти, дури и тие да не го знаеле тоа, да се биде моќна и успешна личност.

Едноставно таа ги насмевнуваше сите преку музиката. И она што ни го даваше преку танцот и перформансот допираше до луѓето, беше неверојанто.“

Познатите ѕвезди се простија од својата драга колешка, заблагодарувајќи и што беше инспирација за милиони луѓе ширум светот, зборувајќи ја својата вистина преку неверојатниот глас.