Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК излегува предвреме од затвор и ќе биде на слобода од декември, годинава. Одлуката денеска ја соопшти Кривичниот суд, откако Апелација ја уважи неговата жалба и предметот го врати пред првостепениот суд.

Мијалков по спогодбата со обвинителството за случајот Империја доби три години затвор. Казната ја отслужува во затворот во Струга, откако ја смени адресата на неговото живеалиште. Тој е вработен како возач за потребите на затворот.

  • Кривичен суд: „Кривичниот совет при одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга за условен отпуст на осудениот С.М., по одржана јавна седница, прибавена и разгледана целосна документација согласно напатствијата на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое го Уважи предлогот на Директорот на казнено поправната установа.Согласно решението, осудениот се отпушта од КПД Струга на 25.12.2024 година, а условниот отпуст му се смета до 25.04.2025 година“.

Мијалков всушност излегува 4 месеци порано од затвор, но на решението има право на жалба пред Апелација. Инаку, Апелација претходно ја уважи жалбата на Мијалков, откако предлогот на директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура за условен отпуст на осудениот, беше одбиен како неоснован. Ќура неодамна за Телма изјави само дека дал позитивно мислење за условен отпуст на Мијалков, а не и дека поднел жалба.

На Мијалков како дел од спогодбата за Империја му беше одземен имот вреден околу 30 милиони евра. Тој при крајот на февруари доби ослободителна пресуда за случајот „Трезор“ во врска со набавката за опремата за прислушување.