Украинската армија секојдневно напредува во руската област Курск заземајќи нови територии, рече украинскиот претседател
Украинскиот пробив на руска територија има за цел да направи тампон зона за да ги оневозможи нападите врз Украина од руска страна, рече украинскиот претседател Володомир Зеленски откако неговата војска уништи уште еден важен мост во регионот Курск.
Тој вели дека стратешките цели покрај создавањето на тампон зона се и да се уништи што е можно поголем арсенал на руско оружје и да се направат одредени контраофанзивни акции кои би ги спречиле руските сили да го гранатираат северо-источниот дел на Украина.
„Се што нанесува загуби на руската армија, на руската држава, нивниот воено-индустриски комплекс и нивната економија помага да се спречи ширењето на војната и не доближува до праведен крај на оваа агресија“,рече Зеленски.
Според него, Украина ќе продолжи да дејствува во овој регион со дополнителен број на трупи. Дополнително, Зеленски вели дека Киев контролира околу 1 000 квадратни километри од руската територија, а и Русија и Украина ги повикаа жителите кои живеат во овој регион да се евакуираат оти следуваат тешки борби.
Командантот на украинските воздухопловни сили, генерал-полковник Микола Олешчук соопшти дека во областа Курск уништиле мост кој бил од огромно значење за руската војска, со што бројот на уништени мостови се зголеми на два откако пред два дена беше уништен мост кај градот Сејм. Тогаш, Москва обвини дека Украина користела ракети од типот „Химарс“ од американско производство.
Инаку, повеќе од 120 000 луѓе досега се евакуирани од областа Курск, откако Киев ја почна ненадејната операција во овој руски регион во близина на границата, заземајќи делови од неговата територија.
Сепак, како што изјави Михаил Подољак, високиот помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украина не сака да ги окупира руските територии, туку целта на офанзивата е да ја натера Москва да седне на преговарачка маса, на која би се разговарало под фер услови.
„Украина не е заинтересирана за окупација на руски територии. Во регионот Курск, можеме јасно да видиме како објективно се користи воената алатка за да се убеди Русија да влезе во фер преговарачки процес“,напиша Подољак на „Икс“.
Како што продолжува напредувањето на Украина, официјални лица во рускиот регион Белгород, кој се граничи со Украина, велат дека од денеска ќе почнат со евакуација на уште пет села од овој регион.
„Од 19 август, го затвораме пристапот до пет населени места, ги евакуираме жителите и им помагаме да го изнесат својот имот“,напиша гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков на Телеграм, наведувајќи ги малите села во близина на границата.
Но, како што украинската војска се движи понатаму кон западната руска територија, руските сили подеднакво остваруваат придобивки заземајќи градови и населени места на истокот на Украина.