При руски ракетен напад врз железничко депо во украинскиот главен град Киев, според официјални информации, загинале седум лица. Има пожари и големи материјални штети, напиша директорот на железницата Олександр Перцовскиј на Фејсбук. Во исто време, десетици железнички работници успеале да се засолнат и да останат безбедни.
Претходно беше соопштено дека во тежок воздушен напад со ракети и дронови во градот Бориспил загинале три лица. Претседателот Володимир Зеленски по ноќните напади изјави дека вкупно дванаесет лица загинале, а десетици биле повредени ширум Украина. Нападнати биле и Одеса, Харков, Запорожје, Херсон и други градови, напиша тој на платформата X.

„Русија секогаш ги планира своите напади така што ќе предизвика што е можно поголемо уништување во животот на луѓето, а успева кога недостигаат капацитети за противвоздушна одбрана“, изјави Зеленски. Украина е благодарна за целата помош во противвоздушната одбрана, но испораките треба дополнително да се зголемат оваа есен, нагласи тој.

Министрите за одбрана на ЕУ денеска (1.09) во Виклоу, Ирска, треба да разговараат за континуирана поддршка на Украина во нејзината одбранбена војна против Русија. Темите ќе вклучуваат, меѓу другото, соработка со украинската одбранбена индустрија.
Руското Министерство за одбрана изјави дека руските сили извршиле „масовен напад“ користејќи оружје со долг дострел и беспилотни летала. Нападот бил насочен кон воено-индустриски објекти, како и кон инсталации за гориво и енергија во Киев и околниот регион. Министерството, исто така, извести за напади врз инфраструктурата во регионот Одеса и врз пристаништата Одеса и Чорноморск.





