Семејствата на загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе бараат ново обвинение и да се казнат и другите виновници.

Тие во СВР Тетово пријавиле дека ќе организирааат марш и јавен протест со барање да има ново обвинение.

Роднините велат дека од местото на некогашната модуларна болница, ќе се упатат кон тетовскиот суд.

Организаторите велат дека довербата во правдата е многу мала, но нивната подготвеност да се борат за своите семејства е голема.

Затоа најавија континуирани протести сè до целосно расчистување на случајот.

Побараа протестот да не се злоупотребува за политички поени.

Судскиот процес за тетовската модуларна болница заврши во јуни. Условна казна добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека за болницата како правно лице беше изречена парична казна за „предизвикување општа опасност“.

Ослободителна пресуда доби лекарот Бобан Вучевски. Според вештачењата кои беа направени пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент.