По веста дека синот на газдата на „Пулс“ каде загинаа 63 млади луѓе, поднел приватна тужба против демонстрантите во Кочани, кои еден ден по трагичниот настан во дискотеката, му го демолираа кафулето „Класик“, се огласија со реакција родителите на загинатите.
Според „Здружението на граѓани 16-ти март 2025 година“, институциите наместо да ја утврдат одговорноста таму каде што реално лежи, „фокусот неоправдано се насочува кон млади лица кои сами биле изложени на опасност“.
„Јавноста јасно укажува дека реакциите на дел од младите по настанот биле последица на шок, траума и силно чувство на неправда – а не свесно или намерно делување. Многу граѓани сметаат дека тој така-наречен трагичен настан е резултат на сериозни пропусти, толерирање ризици и можна коруптивна заштита што му овозможиле на објектот да работи без основни стандарди за безбедност“ велат тие во реакцијата објавена на Фејсбук.
Оттаму порачуваат дека човечкиот живот не може и не смее да се стави пред материјална штета, нагласувајќи дека безбедноста и животот на секое дете таму биле загрозени многу пред револтот.
„Затоа, доминантниот граѓански став е дека токму причините за трагедијата и институционалните пропусти мора да бидат во центарот на истрагата – а не младите кои беа директни жртви на таа небезбедност“ додаваат родителите.
Тие побараа од институциите да нема селективна правда и да се постапува непристрасно, стручно и одговорно. Да се утврди одговорноста на сите што биле должни да обезбедат безбедност во објектот, како и итно запирање на неправедното насочување на вина кон младите, кои како што велат, беа изложени на ризик, а не причинители.
Синот на газдата на „Пулс“ Дејан Јованов – Деко, Михаил Јованов, во јуни поднел приватна тужба против гневните учесници на протестот во Кочани, поради демолирањето на кафе-барот, во која бара отштета од над еден милион денари.
На 30-ти март во Основниот суд во Кочани ќе се одржи рочиште за помирување по приватната кривична тужба на синот на газдата на „Пулс“.
Веднаш по смртоносниот пожар во „Пулс“, на протестот на 17 март попладнето, граѓаните кои се собра поминаа во центарот на Кочани, каде беше запален кафичот „Класик“ на Јованови, дел се упатија кон нивната семјена куќа и оштетија возило на пошта со која работи една од фирмите на Јованови.
Здружението на родители повикаа во сабота на „Марш на Ангелите“, кој, како што велат ќе биде посветен на граѓанска поддршка за неправедно тужените млади луѓе.




