Разочарани од обдукцискиот извештај, во кој нема лекарска грешка, се Стојче и Кристина Христовски, родителите на малата Јана која почина пред три месеци, само неколку часа откако ја донесоа во Детското одделение на болницата во Битола. Петгодишното девојче од Кравари официјално починало од срцев удар, како последица на бронхопневмонија предизвикана од вирус, стои во извештајот што доцна синоќа го добија Обвинителството и нејзините родители. Нејзината мајка Кристина ги отфрла овие наоди и тврди дека некој сака колергијално да ги зашти лекарите да не одговараат за смртта.
Сè уште е нејасно зошто во документацијата на болницата има различно време на смрт, кое се разликува за два часа. На едно место пишува дека Јана починала во 13:20 минути, а на друго во 15:30 минути. Кристина вели дека сонежите кај нив се уште поголеми поради различните изјави на анестезиологот и лекарите од Детското одделение. Поради ова, адвокатот на семејството бара од Обвинителството да се вештачи болничкиот компјутер, за да се утврди дали во тие два часа некој се обидел нешто да прикрие или менува во извештајот. Но, и покрај ова, родителите на Јана се песимисти дека Обвинителството ќе покрене обвинение против лекарите, па затоа ќе бараат независна странска експертиза.
Петгодишното девојче почина откако по неколкудневна малку покачена температура, родителите ја однеле во болница. Таму, иако ѝ измериле зголемен шеќер во крвта, мајката Кристина тврди дека ѝ дале гликоза во инфузија, по што детето западнало во кома, а набргу и починало. Веднаш по смртта, битолската јавност организираше неколку протести на кои бараше правда за Јана. Сега, Обвинителството останува последната надеж за родителите, дека ќе дојде до судење, на кое ќе се разјасни од што почина петгодишното дете.