Рецептот за пилешка супа ќе им се најде на сите во периодот на настинки и кога сите сакаме да се стоплиме со вкусна и здрава чорба.
За супа нема сезона, но најмногу ја сакаат сите во ладниот период, кога се почести настинките и кога сите сакаме да се стоплиме.
Пилешката супа полна со зеленчук е многу здрава, па пожелно е да си правите во поголема количина и да имате за неколку дена (зависи за колку членови готвите).
За овој рецепт за супа, потребни ви се околу 20 минути подготовка и околу еден час готвење, а ќе добиете 10 порции.
Потребни состојки:
- 8-10 пилешки копани/батаци, без кожа (може да бидат и пилешки стекови во помала количина, зависи од големина)
- 2-3l ладна вода
- 1-2 лажици маслиново масло
- 2 средни главици кромид, сечкани
- 8 моркови, лупени и сечкани на полукругови
- 6 стапчиња целер, сечкани
- 5 чешниња лук, ситно сечкани или здробени
- 2 лажици сол
- 1 лажица црн бибер
- 2-3 лажици цеден лимонов сок
- Магдонос, сечкан, за сервирање

Начин на подготовка:
- Ставете го пилешкото во големо тенџере и прелијте го со ладната вода, па ставете да се вари.
- Кога ќе зоврие водата, покријте го и намалете ја малку температурата и оставете да се вари околу 30-40 минути.
- Тргнете го пилешкото месо, а водата во која се варело прецедете ја во друг сад и оставете ја настрана.
- Во истото тенџере ставете маслиново масло и на средна температура пропржете го кромидот 4-5 минути со повремено мешање.
- Потоа додадете ги целерот и морковот и гответе уште 10-15 минути додека зеленчукот малку омекне (намалете ја температурата ако загоруваат или додадете многу малку вода).
- Кога зеленчукот ќе биде готов, додадете го лукот и зачините и нека се готват 1-2 минути додека да пуштат вкус.
- Веднаш потоа истурете ја прецедената вода во која се вареше пилешкото и оставете да се вари околу 30 минути додека зеленчукот не омекне.
- Во меѓувреме на даска, со две виљушки, исцепкајте го цело пилешко месо и отстранете ги коските (ако има), па додадете го месото во супата во последните 5-10 минути од готвењето.
- Додадете лимонов сок, пробајте и по вкус додадете уште сол ако е потребно.
- Сервирајте во длабоки чинии со свежо сечкан магдонос.
Совети:
– Ако сакате да заштедите време, можете паралелно во две различни тенџериња да ги правите месото и зеленчукот истовремено, па потоа водата од месото да ја додадете во зеленчукот и на крај сечканото месо.
– По желба, можете да додавате и друг зеленчук, како на пример пашканат, или да ги менувате количините според вкусот кој најмногу ви се допаѓа.
– Можете да ја чувате супата во фрижидер 3-4 дена во соодветен сад за складирање.






