Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај со сериозни забелешки за работењето на Министерството за образование и наука (МОН), со кој се откриваат низа пропусти и сомнителни трошења на јавни пари.
Меѓу најфрапантните случаи е кујната во студентскиот дом „Тетово“, која иако чинела 3,45 милиони евра, не функционира затоа што при реконструкцијата не била предвидена вентилација. Набавената опрема не е во употреба, а дел од објектот е нефункционален за намената за која бил предвиден.
Ревизорите издадоа неповолно мислење за финансиските извештаи на МОН и нивната усогласеност со законската регулатива, упатства и политики.
Извештајот открива и дека повеќе од една деценија МОН не презело мерки за наплата или отпишување на студентските кредити од периодот 1998–2010 година, во износ од околу 18 милиони евра.
Сериозни забелешки има и за програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта во 2023 година, кои се реализирале без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност, ниту пак со јасно дефинирани критериуми за избор на проекти.
Дополнително, во 2023 година за стипендии за студенти запишани на еден од првите 100 универзитети во светот се исплатени речиси три милиони евра, без постоење систем за нивно ангажирање по завршувањето на студиите. Освен тоа, ревизорите утврдиле дека дел од исплатите биле поголеми поради пресметка на курсот на денот на исплата, наместо на денот на објавување на конкурсот.
Ревизијата посочи и на проектот „Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од врвните универзитети во САД, Англија, Франција и Германија“, за кој од 2012 до 2021 година се потрошени над 12,2 милиони евра. Наместо да бидат ставени во функција, учебниците со години стојат по магацини без евиденција за прием и издавање, а дел од нив веќе се оштетени поради несоодветно чување.
Како дополнителен проблем, ревизорите нотираат дека и блок-дотациите за основните и средните училишта се распределуваат без утврдени критериуми.
Извештајот со сите констатации и забелешки е јавно достапен на страницата на ДЗР.
https://dzr.mk/mk/250902-revizija-na-regularnost-2024-ministerstvo-za-obrazovanie-i-nauka



